Родена е на 31 август 1974 година во Велес, Република Македонија. Основното образование го завршила во ОУ „Васил Главинов“ со континуиран одличен успех, а средното образование го продолжила во велешката гимназија „Кочо Рацин“, каде што исто така постигнала одличен успех. Во 1993 година се запишала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за славистика, каде што дипломирала во 1997 година со висок просек и се стекнала со диплома за професор по македонски и професор по руски јазик. Истовремено ги студирала и двете насоки – наставната и преведувачката. Од 2000 година, со решение на Министерството за правда, е поставена за постојан судски преведувач од руски на македонски јазик и обратно. Во текот на својата кариера како наставник предавала во повеќе државни основни и средни училишта. Од 2018 година преведува дела со духовна тематика, како што се: „Дела“ од Свети Јован Златоуст (првиот, вториот и четвртиот том), „Сродни души“, „Христос е слобода“, „Сестри“ и други. Исто така, од 2021 до 2025 година работела во рамките на Црвениот крст како професор по македонски јазик за странци. Во септември 2026 година е поставена за професор по македонски јазик во МПБ „Свети Климент Охридски“.