Интернат

Еден ден во богословијата

За да се биде член на Црквата, не е доволно само да се познава нејзиното учење, туку потребно е и да се земе и активно учество во нејзиниот сакраментален живот. Самиот Христос рече дека: Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен (Мт. 7, 21). Во тој контекст на христијанскиот активизам за животот во Црквата и ап. Петар препорачува: и вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа (1 Петр. 2, 5); Верата без добри дела е мртва – ќе рече ап. Јаков итн.

Македонската православна богословија не е едноставно една образовна институција во која учениците ќе се занимаваат само со изучувањето на основните дисциплини на православното богословие. Нејзината задача не е само да создаде образовани теолози, кои ќе сведочат за Христос само умствено – преку нивните зборови, но да создаде личности кои ќе сведочат за Христос преку непрестајното огледување на Неговите дела. Кога Христос му ја предаде на човештвото Својата спасоносна наука, Он не ја предаде само преку Неговиот збор, но напротив, секој еден Свој искажан збор, лично го исполни и преку Неговите искупителни дела.

Примерот-образец, според кој се востановуваше Македонската православна богословија е светски познатиот Светиклиментов универзитет, кој бил еден од првите образовни богословски центри на Балканот, за образовање и воспитување на Христови следбеници, кои ќе го проповедаат, во иднина, Христовото Евангелие на секое живо создание. Причината поради која св. Климент Охридски се прославил во редот на светителите Божји, не била неговата учителска дејност, бидејќи, да не забораваме, св. Климент бил, пред сѐ, Епископ на светата Православна црква, но заедно со неа, тој, пред сѐ, бил вистински Епископ, вистински пастир на повереното стадо, кој секогаш својот живот го жртвувал за своето паство. Неговата вера изобилувала со добри дела, и токму затоа таа останала жива, а воедно и плодоносна и за него, и за неговите следбеници и современици, а се разбира и за сите нас до ден-денешен. Имајќи го предвид сето тоа, огледувајќи се на него, тој е земен за патрон, заштитник и молитвен покровител на нашата Богословија пред лицето на Бога.

Ходник со училници

Од моментот на нејзиното востановување, таа како институција се раководи според одредени правила и прописи, кои се обмислени, утврдени и благословени од страна на САС на МПЦ – ОА. Редот и хармонијата царуваат само таму каде што има утврден поредок, а сето тоа донесува уште поголем плод кога сите дејности кои се извршуваат се благословени, и со вистинско христијанско послушание доследно се исполнуваат. Замислете за какво ли општожитијно живеење ќе можевме да зборуваме денес, доколку не живеевме според еден востановен поредок? Велам, општожитијно, затоа што животот во Богословијата доста наликува на животот во еден манастир, во кој секој еден негов послушник, раководен од принципот на христијанската љубов, го исполнува своето послушание за коешто добил благослов. Ректорот е игуменот, а сите останати неговите монаси, кои го исполнуваат послушанието. И така, кога секое едно, па дури и најситно камче ќе го пронајде своето место, мозаикот станува прекрасен.

Како изгледа еден ден во Богословијата? Денот започнува со молитва, во која, пред сѐ, благодариме што Бог благоволил да станеме од нашите постели, чувајќи нѐ во изминатата ноќ од нападите на демоните и демонските нечестиви дела. За убавината на црковното пеење, а воедно и типик се задолжени учениците од петти и четврти клас, а преку читањето на одредените псалми и молитви на богослуженијата земаат учество и учениците од трети клас. За да се разбере Христовата наука секогаш е потребно просветлување на нашиот разум, бидејќи вистините кои ги изучуваме за време на нашите часови, не се вистини до кои човекот некогаш дошол врз база на своето човечко умување. Спасителната наука, Бог Отецот, преку Својот Син во Светиот Дух, му ја открил во целост на човештвото – онолку колку што му е потребно за неговото спасение. Причината поради која ние не сме во можност во целост да вникнеме во од Бога откриеното, не е во тоа што Бог посакал да остане сокриен за човекот и човештвото, туку во тоа што самите ние не можеме да вникнеме во таа Негова спасителна наука поради огревовеноста на нашиот сопствен разум. Молитвата е едно од главните средства преку кои човекот може да проси од Бога да го очисти неговиот разум, за да можеме што поочистени да навлеземе во Неговото слово на вистината, и да го отстраниме гревот, кој како некоја болест му пречи на човекот да излезе од рамките на својата ограниченост и што полесно да се устреми кон Бога.

Параклис

Поткрепени од Божествената благодат ние се упатуваме кон часовите. Во периодот од 08.00 ч. до 12.50 ч. се одржуваат часовите кои се предвидени според училишниот распоред, којшто се определува од страна на Наставничкиот совет на МПБ, уште пред започнувањето на училишната година. Присуството на часовите е задолжително за сите ученици, со исклучок на оние кои се отсутни поради оправдани причини. По нивното завршување, во 13.00 ч. следува ручекот. За време на ручекот учениците од втори клас се задолжени за редарството. Водени од потребата нашата мисловна дејност да биде насочена кон Христовото слово, за време на секој ручек, еден од учениците од трети клас чита одреден текст од Евангелието, кој сите ученици со внимание го слушаат, и размислуваат за неговата тајна – скриена и возвишена смисла. На тој начин, секој од учениците, земајќи активно и личносно учество во секојдневните активности, придонесува за тоа учениците да се чувствуваат како едно големо семејство, или како што веќе наведовме во текстот, како едно големо братство, во кое секој ученик ревносно го исполнува своето послушание, служејќи му со љубов на својот соученик – ближен.

По ручекот следува вообичаеното време за одмор, по што во 15.00 ч. сите се упатуваме на Вечерна молитва, на која сите заеднички се молиме Бог, по молитвите на Пресвета Богородица и сите светии, да ни дарува мирно и безгрешно да го поминеме останатото време од денот, и сето време од нашиот живот, поткрепувани од Неговата благодат да ги одбегнуваме различните итроштини на лукавиот и да се сочуваме од секакво зло.

Од 16.00 ч. започнуваат занимањата, за време на кои учениците се подготвуваат за утрешните часови, трудејќи се да го совладаат предаденото за време на часовите по соодветните предмети кои ги изучуваат. За дисциплината во класовите се задолжени одличните и најпримерни по поведение ученици од петти клас, кои на тој начин им помагаат на главниот и помошниот воспитувач во извршувањето на одговорната педагошка дејност за која се потребни големи усилби. Трите занимања (со предвидените времиња за пауза – одмор) завршуваат во 21.00 ч., кога учениците, сите заедно, се упатуваат во училишниот храм, каде сите заеднички читаат молитва пред спиење, во која го молат својот ангел чувар, да внимава на нив и во претстојната вечер. До 22.00 ч. сите ученици се веќе во нивните легла, подготвени за спиење. Со тоа завршува и активниот ден во Богословијата.

За редот и дисциплината на учениците, за време на целиот ден, и нивниот престој во Богословијата се задолжени воспитувачите, кои се бираат од професорите, а ги назначува Наставничкиот совет на МПБ. Нивната дејност не е само да бидат набљудувачи на сѐ она што се случува за време на едно деноноќие во Богословијата, но воедно тие се и педагози, кои се грижат правилно да влијаат врз секоја една пројава кај учениците, трудејќи се да ги наградуваат учениците за нивните доблесни дела, но и да ги исправаат учениците во нивните погрешни постапки и дела, преку соодветни педагошки мерки, предвидени според Правилникот на Богословијата. Задачата е навистина тешка и претставува огромен предизвик, затоа што објектот на нашата работа се не само човечки души, туку, пред сѐ, детски души, кои за време на нивното петгодишно образование во Богословијата поминуваат преку речиси сите најважни фази од нивното психолошко-личносно развитие како личности, периоди во коишто треба особено да се внимава како се постапува и пристапува кон нив, бидејќи во зависност од тоа како ќе се обликуваат тие садови за време на нивното изработување, така од нив и ќе продолжи да се излива Божествената благодат, во моменти кога ќе треба и други да пијат од нив. Целата работа станува уште посложена, кога ќе го земеме предвид и фактот дека тие луѓе се иднината на нашата Црква, кои понатаму ќе продолжат не само да работат на нивата Господова, за којашто работа е потребен многу напор, но воедно и искуство, кое за време на нивното образование и престој во Богословијата треба во поголемиот дел да го стекнат теоретски, за потоа да го реализираат и во практика како идни пастири на нашата света Светиклиментова црква. Господи, не нѐ оставај без Твојата мудрост за правилно да раководиме со словото на Твојата вистина!

Презвитер проф. м-р Дарко Милев – главен воспитувач