Богословијата од нејзиното основање до денес

Со возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, на Третиот црковно-народен собор, одржан во Охрид, во 1967 година, се донесува и Одлука за формирање на средно богословско училиште, во кое ќе се школува, на свој мајчин јазик, идниот кадар на нашата света Црква. Без ваков духовен расадник невозможно е да се организира самостоен црковен живот. Затоа, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, согласно Одлуката донесена на Соборот, на 26.09.1967 година закажал седница, со единствена точка на дневниот ред: отворање Македонска православна богословија во Скопје. Училиштето ќе го носи името на патронот на нашата света Црква – свети Климент Охридски. Одредено е школувањето во Богословијата да трае 5 (пет) години, а за работни простории на Богословијата се одредуваат адаптираните згради на манастирот Горен св. Илија во с. Бањани, Скопско. Синодот на МПЦ решава да ги повлече сите богослови од Македонија, кои се наоѓаат на школување во Богословиите на Српската православна црква. Веднаш се пристапува и кон изнаоѓање професори, кои ќе бидат ангажирани за да ја извршуваат воспитно-образовната дејност во новоотворената Богословија. За ректор на Богословијата е поставен проф. Борис Бошковски, за главен воспитувач и професор протојерејот Трајан Митревски, за заменик воспитувач и професор – Михаил Сламков. Покрај редовните, биле ангажирани и неколку хонорарни професори. Првите професори се најистакнатите наши теолози од тоа време, со завршен богословски факултет, а некои и со друг, покрај богословскиот. На 17.10.1967 година се утврдени наставниот план и програма (број на предмети, часови, учебници, правилници за работа). Свеченото отворање е извршено на 31.10.1967 година, во присуство на сите архијереи на МПЦ, а следниот ден се започнува со настава.

Во првата учебна година бројот на сите ученици по класови изнесувал околу 70. Треба да се истакне дека и во следните декади вкупниот број на ученици е близу таа бројка. Имено, секој клас има по една паралелка, која брои околу 15-тина ученици. Помалиот број ученици по класови, за разлика од другите училишта, дава можност за подобар индивидуален пристап кон учениците и поголема контрола во совладувањето на материјалот од нивна страна.

Тој број е и според просторните можности на училиштето, како и кадровските потреби на нашата Црква. Во таа смисла, добро е да се спомне дека конкурс за упис на нови ученици во Богословијата распишува САС на МПЦ, а Наставнички от совет на Богословијата формира комисија од редовните професори, која врз основа на претходно утврдени критериуми, го спроведува приемниот испит.

Народната мудрост вели дека секој почеток е тежок, но со тоа започнатото е половина завршено.

Богословија - ходник

Уште на самиот почеток се почувствувале бројни проблеми. Затоа, по завршувањето на учебната 1967/68 година, ректорот писмено се обраќа до САС на МПЦ и во неколку точки ги образложува главните проблеми со кои се соочени. Со цел за изнаоѓање на нова локација и објект, во кој би била сместена Богословијата, преку летото Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј се ангажира, и во соработка со тогашниот претседател на Републичката комисија, господинот Боро Чаушев, секретарот на истата, господинот Доне Илиевски, како и со тогашниот претседател на Собранието на град Скопје, на Македонската православна црква ѝ се дадени на трајно владение објектот на поранешната општинска зграда на Општината Кисела Вода, како и земјиштето, кои се наоѓаат во с. Драчево, со цел тука да се смести Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“. Следната учебна година започнува во новиот објект. Со пренамена на и онака малите простории, истите прилагодени се за потребите за настава и интернатски живот. Од Општината Кале се успева да се добие барака, за потребите на богословската трпезарија и кујна. Во 1974 година се пристапува кон доградба на тогашниот објект, со што се создаваат простории кои можат да се ползуваат за настава и спални за учениците, како и капела за извршување на богослужбите. Одредени проблеми остануваат за понатамошно решавање, меѓу кои и затоплувањето. Имено, во овој, и во подоцнежниот период, затоплувањето е со тврдо гориво (дрва и јаглен), и поради тоа се размислува за инсталирање на парно греење. Во 2000 година, со залагање на новопоставениот ректор, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се пристапи кон поставување на парно греење во Богословијата. Средствата се обезбедија од невладини организации, како и од амбасадата на Кралството Норвешка, чија амбасадорка ја посети Богословијата и ги согледа условите во кои живеат учениците, при што одобри износ од 20.000, во тоа време германски марки, за поставување на парно греење. Иако условите за живот и работа во тој, како и во претходниот период се тешки, сепак наставничкиот персонал се труди од богословите да формира и интелектуално и духовно зрели личности, со силна вера и љубов кон Бога и ближниот, достојни продолжувачи на Светиклиметовото дело, духовни пастири на нашиот народ, кои треба да бидат „сол на земјата и светлина за светот“.

Учениците

Во однос на напорите за подобрување на условите за живот и работа, посебно треба да се истакне спроведувањето на доградбата на Богословијата. Имено, врз основа на договор од 10.05.2001 година, помеѓу Друштвото за трговија, инженеринг, консалтинг и изведба ПЛАТИНА Рокан доо увоз-извоз Скопје и Светската визионерска интернационална организација (Wоrld Vision), се пристапи кон доградба на објектот. Во 2001 година е извршено осветувањето и положувањето на камен-темелникот за доградба на Богословијата. Чинот на осветувањето е извршен од Митрополитите Полошко-кумановски г. Кирил, Австралиско-новозеландски г. Петар и Брегалнички г. Агатангел, ректор на Богословијата. Новоизградениот дел на свечен начин е предаден во употреба на 02.11.2001 година, во присуство на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитите г. Кирил, г. Горазд и г. Агатангел. Новоизградениот објект има училници, професорска, ректорска, секретарска просторија, помошни простории, параклис, кујна, трпезарија и магацински дел. Од Хуманитарната организација Јоханита беше подарена нова кујна со потребните апарати. За време на извршувањето на градежните работи на новиот дел, првото полугодие од учебната 2000/01 год. се одвиваше во хотелот „Изгрев“ кај Струга, кој е споственост на МПЦ. Неделните и празничните Литургии се извршуваа во ставропигијалниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“, с. Калишта. Во тој период се искористи можноста за целосно реновирање на стариот (интернатски) дел, при што беше целосно заменет стариот кров (од азбест) со пластифициран, се преградија повеќе големи спални, со што се добија помали и пофункционални, се реновираа туш кабините на двата ката. Во 2001 година беше осветен новиот параклис од страна на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот г. Агатангел, и повеќе свештеници. По десетина години, во 2010 г., се пристапи кон целосно оградување на дворното место со ѕид, влезна капија од ковано железо, а предниот дел на влезот е целиот од камен и дава посебен лик. По 15 години користење, се пристапи и кон промена на сите стари прозорци со нови, најквалитетни, марка саламандер, во новиот и стариот дел. Сето ова е во функција на подобро искористување на топлинската енергија. Во перспектива се размислува и за поставување на сончеви колектори, преку кои би добивале топла вода по ниска цена. Во иднина има простор и можност и за изградба на спортска сала во дворот на училиштето, односно преуредување на веќе постоечкото отворено спортско игралиште во кругот на Богословијата, во сала од затворен тип.

Богословијата од нејзиното основање до денес

Значајно е да се напомене дека е извршена транформација на дворното место во приватна сопственост, односно сопственост на МПЦ, како и легализација на целокупниот објект. Ако ова прашање било неодминливо и поставувано уште од самиот почеток, односно регулирање на имотно-правните односи, сега, по временска дистанца од 50 години можеме да констатираме дека конечно имаме регулиран сопственички статус. Значајно е да се спомне дека со благослов на ректорот, се набавија нови шкафови за архивата на Богословијата, како и за библиотеката, со што се отвори можност за многу подобро и попрегледно средување на архивата на Богословијата, како и библиотеката, која секоја година се збогатува со нови наслови од богословска и друга литература.

Треба да сме задоволни и радосни што по молитвите на св. Климент, како и грижата на САС на МПЦ, на чело со нашиот Поглавар, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан како и ректорот на Богословијата – Повардарскиот Митрополит г. Агатангел, имаме современ училишен центар, кој ги задоволува сите стандарди. Исто така, свесни сме и за тоа дека овие услови сами по себе не се гаранција за успех, туку одлична можност, која треба да се искористи за постигнување на што подобри резултати.

Од своите почетоци, па до денес, Богословијата е под целосна духовна и канонска надлежност на МПЦ. Таа е значаен столб на нашата автокефална Црква. До денес се запишани над 900 ученици. Најголемиот број од завршените богослови се во служба на МПЦ како свештенослужители во татковината и во странство. Моногумина се ангажирани како професори во нашите воспитно-образовни институции, некои се монаси, административен персонал во служба на Црквата, а вреди да се спомене дека и поголемиот број Архијереи на нашата света Црква, на чело со нашиот Поглавар, се школувале во овој наш духовен расадник. Во своето петдецениско постоење и делување, можеме да констатираме дека Богословијата ја оправда својата улога, и во таа смисла со право можеме да ја сметаме за наследничка на Светиклиментовиот универзитет.

Протојереј-ставрофор, секретар и проф. Јован Кумевски