На 06.12.2024 година, традиционално, по 57-ми пат, беше прославен патрониот празник на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“. Празнувањето започна со Архијерејска вечерна богослужба во параклисот при Богословијата, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, а на истата молитвено присуство зедоа: Неговото Блаженство, Ахриепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагонски г. Петар, ректорот на Богословијата – Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и Митрополитите: Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф и поранешниот Митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф.
По Вечерната богослужба, во Богословијата, се одржа и свечена академија којашто започна со благословување и прекршување на празничниот колач од страна на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагонски г. Петар.
Во продолжение професорот м-р ѓакон Живомир Јосифоски произнесе пригодно слово за нашиот свет патрон – светиот Климент, додека пак, хорот при МПБ, под раководство на протопрезвитер ставрофор Јован Кумевски, изведе композиции за восхит на сите присутни.
На свеченоста беа наградени најдобрите теми и стихотворби напишани од учениците по повод патрониот празник на училиштето. На самиот крај, пред присутните, се обрати и ректорот на Богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој им се заблагодари на присутните, а воедно, и на светиот Климент Охридски за постојаното застапништвото и за молитвите.
Во прилог произнесеното пригодно слово на професорот м-р ѓакон Живомир Јосифоски
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваше Преосвештенство, Високопреподобни отци, чесно свештенство и во Христа ѓаконство, преподобни монаси, почитувани професори, драги гости и возљубени ученици!
Голем дар ни се даде на нашиот род, голема благодат излеа Бог врз нашата Црква во личноста и делото на светиот Климент Охридскиот чудотворец. Денес во духот на краткото молитвено обраќање – „пак и пак“, одново словиме за нашиот рамноапостолен молитвеник и застапник пред престолот Божји. Размислувајќи за денешниот славеник, нашиот свет отец, епископот Велички и патронот на нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, неминовно си спомнуваме на зборовите од Светото Писмо: Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите… (Матеј 5, 14-16) оти, навистина, ниту времето, ниту земјата можеа да го сокријат ова Светиклиментово светило. Тој, обдарен од Бога со благодатна светлина, ја просвети оваа наша македонска земја, со зборови и чудеса за просвета на јазичниците и слава на својот народ.
Светиот евангелист Јован Богослов го започнува своето Евангелско дело со зборовите: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1, 1), а оние кои продолжија да го шират Словото Божјо во Кого има живот и Животот им беше светлина на луѓето (Јован 1, 4), за таквите евангелистот ќе рече: тие не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија (Јован 1, 13). Така и свети Климент во согласност на овие зборови дојде за сведоштво да сведочи за Светлината (Јован 1, 7), продолжи да го објавува Словото – Христа, таа незаодна Светлина, за вечно да блеска над неговиот народ.
Во неговата педагошко-учителска дејност видлива е совршената симбиоза на двата облика на Божјото Откровение. Тој, како мудар учител, подобно на своите учители, светите браќа Кирил и Методиј, во од него основаниот духовно-книжевен центар во Охрид – првиот словенски универзитет, постана за сите сѐ (1 Кор. 9, 22), за секого да го приведе кон Христа и спасението. Едни преку поуките за обработката на земјата, одгледувањето на садниците, кроењето на овошките ги воведуваше во природното Божјо Откровение сообразно на зборовите на псалмопејачот: Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови возвестува земјата (Пс. 18, 1), другите пак, подаровитите ученици, преку натприродното Божјо Откровение ги хранеше со поцврста храна, откривајќи им ја длабоката смисла на евангелските пораки и учењето на црковните догми. Свети Климент, како грижлив пастир, кој недавајќи им дремка на очите, ја оправда мисијата што му беше доверена од Бога, та постана не само Евангелски благовесник, туку како трудољубив и неуморен работник, беше и архитект, мудар градител, книжевник, поет, преведувач, организатор на монашкиот и црковниот живот, литург, химнограф и проповедник на нашиот род, златна лирa на Светиот Дух.
Сестрана е неговата личност и неговиот пример да го просвети својот народ, не само со писменост, но и со дела како вистински ревносен народен мудрец и учител, да го научи својот народ на Божјата мудрост, та бивајќи пример и образец за подражавање кој како втор Павле ќе рече: Угледајте се на мене, како јас на Христа (1 Кор. 11, 1).
Имајќи го предвид сето досега наведено, Му благодариме на Седржителот за дарот што ни се даде преку возвишеното дело на големиот и даровит учител светиот Климент, патронот на нашата света Црква, да го славиме Бога Kој нѐ обдарил со таков голем молитвеник, та преку него просветени со таа духовна светлина, вечно да биде славен Великиот Бог и Спасителот на светот.
За крај изворно ја пренесуваме забелешката од редакторот на Михајловскиот ракопис од XV век, на Светиклиментовото слово за Света Троица, со која во целост сме согласни.
Цитирам: „Како што опитен песнотворец устројува златни гусли и со милозвучно свирење собира многу народ, така и тој (св. Климент), не со хармонично свирење, туку со звучноста на своите зборови и на своето големо дело, ни пренесува полза. Христос посакува такви учители, (бидејќи Он вели: Оној што ќе исполни и поучи, голем ќе се нарече во царството Божјо). Така голем во Царството е и овој (св. Климент). По неговите молитви и по молитвите на сите светии, и ние да се удостоиме за Царството небесно, по благодатта и човекољубието на Господ Исус Христос, Кому нека е слава, чест и власт со Светиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин“.
За многу години!