На денот во кој светата Православна црква го празнува преносот на моштите на св. Атанасиј Велики и чудата кои произлегле од нив, во МПБ „Св. Климент Охридски“, ереите Дарко Милев и Александар Димоски отслужија Божествена литургија.
Житието на овој светител, кој е роден во 296 год. во Александрија се опишани под 18ти јануари. Со неговото учество на Првиот вселенски собор како придружник на неговиот епископ св. Александар Александриски, иако бил само како придружник, со мудроста своја успеал да го посрамоти и разобличи Ариј, и со тоа да даде значаен удел во формирањето на Никејскиот (подоцна Никео-Цариградски) символ на верата. Она кое за нас како млади богослови е за поука од тој настан, е дека не секогаш белата брада и коса се предрасудни за достигнувањето на мудроста Божја. За тоа се потребни многу усилби, молитви и пред сѐ активно учество во сакраменталниот живот на Црквата. Тоа го велиме, бидејќи тој беше еден од најмладите учесници на тој собор. Навистина, богоуподобувањето e процес кој својата есхатолошка димензија ја има уште во сегашноста од нашиот живот, но својата крајна кулминација ја достига во Царството небесно.
Атанасие свети, моли го Христа Бога и застапувај се пред Неговото лице за нас, и нам да ни дарува мудрост како да го поминеме нашиот живот на земјата непосрамен и дадеме добар одговор на Страшниот Христов суд!