На 06.12.2018 г., како и секоја година, свечено беше одбележан патронот на нашата Богословија – свети Климент Охридскиот Чудотворец. Празнувањето започна со Архијерејска вечерна богослужба во храмот „Вознесение Христово“, во Драчево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во присуство на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Ахриепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозелански г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, ректорот на Богословијата Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф. Богослужбата беше украсена со прекрасните гласови на учениците при МПБ. По Вечерната богослужба, прославата продолжи во параклисот „Свети Климент Охридски“ при Македонската православна богословија. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протојереј-ставрофорот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурчиноски го благослови и го прекрши славскиот колач.
Професорот м-р Живомир Јосифоски, пак, произнесе пригодно слово за рамноапостолниот свети Климент Охридски, како и за нашата Богословија, која со право може да се нарече наследничка на Светиклиментовиот универзитет. Богословијата без црковното пеење не може да се замисли. Затоа, под дирегетската палка на професорот по црковно пеење, Игор Величковски, хорот при МПБ изведе три композиции, кои нè потсетија на времето во кое живеел и творел светиот Климент, македонскиот просветител.
Беа доделени и награди за најдобрите теми и песни составени од учениците.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Агатангел, ректорот на МПБ, одржа прекрасна беседа за Богословијата и за учениците, а воедно им се заблагодари и на сите оние кои го помагаат нејзиното благобитие. По прославата во параклисот, овогодишните кумови – Архиепископот Стефан и Митрополитот Агатенгел ги удостоија гостите, професорите и учениците со прекрасна трпеза.
Прославувањето на Охридскиот Чудотворец, свети Климент, продолжи и наредните денови. На 07.12.2018 г., во Соборниот храм на градот Скопје, беше отслужена празнична Архијерејска вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозелански г. Петар, во присутво на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Ахриепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, и на Митрополитите Тетовско-гостиварскиот г. Јосиф и Кумановско-осоговскиот г. Јосиф. По завршувањето на Вечерната богослужба, во Музејот на ВМРО, под покровителство на Поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот г.г. Стефан, се одржа свечена академија, на која присуствуваа Митрополитите Петар, Јосиф и Јосиф, Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, г. Оливер Спасоски, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова Грујовска… како и богословите и професорите при МПБ. Говор одржаа Неговото Блаженство Архиепископот Стефан и директорката на Институтот за македонски јазик проф. д-р Елена Јованова Грујовска. Програмата беше збогатена и со прекрасните црковни композиции изведени од страна на хорот „Свети Климент Охридски“, под дирегентска палка на г. Панче Јосифов, и на хорот „Драган Шуплевски“, по дирегенстската палка на г. Ангел Спироски, студент во класата на проф. д-р Сашо Татарчевски.
Утредента, на 08.12.2018 г., со почеток од 08:00 часот, започна празничната Утрена богослужба, а во 09:00 часот Светата Архијересјка Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозелански г. Петар, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Пољански г. Јаков. Верниот народ зеде активно учество во Светата Литургија преку причестувањето со Телото и Крвта на Господ Исус Христос. Колачот во спомен и слава на светиот Климент Охридски како и на светиот Климент Епископ Римски го благослови и прекрши Неговото Вискокопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во присуство на Епископот Пољански г. Јаков.
По молитвите на светиот Климент Охридски, патронот на нашата Света Македонска православна црква, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилувај нè.
Благоја Атанасоски