Поклонички патувања и научни екскурзии

Нека е благословен оној, кој оди во името на Господа… (Пс. 117, 26)!

Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов. Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сѐ срце ги бараат (Пс. 118, 1-2).

Поклоничкото патување е израз на внатрешниот и надворешниот стремеж на човекот да се доближи до Бога и да се сретне со Него или да биде во непосредно општење со Бога. Kако појава кај човекот го сретнуваме од најстари времиња, како што ни е посведочено во Библијата, па затоа може да кажеме дека поклоничкото патување на верникот има библиска основа. А штом има библиска основа, тоа значи дека има и духовна полза за секој човек кој го практикува ваквиот тип на патување во животот.

Една од најмаркантните библиски личности, која слободно може да кажеме дека е родоначалник на поклоничките патувања е праотецот Авраам. Тој својата надеж и вера во средбата со Бога, честопати ја остварувал преку патувања нa одредени места, т.е. места кои Бог му ги откривал, односно определувал!

И Авраам ја измина таа земја во должина дури до Сихем… И му се јави Господ на Авраама… (1 Мој. 12, 6-7); … Потоа оттаму се премести на ридот, на исток од Ветил…, го призиваше името Господово, што му се јавуваше (1 Мој. 12, 8). Авраам, преку ваквото потчинување на Бога, станува родоначалник на поклоничките патувања во човечкиот род. Ваквиот начин на средба и почитување на човекот кон Бога, го гледаме и во Авраамовото потомство, односно преку примерот на Исака: А оттаму мина тој во Вирсавија. И истата ноќ му се јави Бог, и му рече: Јас сум Бог на Авраама, таткото твој… (1 Мој. 26, 23-24).

По примерот на праотецот Авраам и пророк Мојсеј остварува средба со Бога во пустината: …Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господа, нашиот Бог… (2 Мој 5, 3). Ваквиот начин на патување со принесување жртва на Бога во Стариот завет е наречено хаг, односно литургиско патување, каде што поклоникот на Бога Му се принесува себеси, но Му принесува и дар од себе.

Подоцна во Израилот, патувањето на свети места за средба и принесување дар на Бога било регулирано со Закон: Трипати во годината секое машко треба да се јавува пред Господа, твојот Бог, на местото, што ќе го одбере Он, на празникот Бесквасници, на празникот Седмици и на празникот Сеници; и никој не смее да се јавува пред Господа со празни раце (5 Мој. 16, 16). По населувањето на Израилот во Ветената земја, сретнуваме голем број свети места каде што Израилците подигале жртвеници, каде што Му принесувале жртва на Бога и притоа ја остварувале својата средба со Него: Тогаш Исус му изгради жртвеник на Господа, Бога на Израилот, на гората Гевал (Ис. Н. 8, 30). Слични вакви жртвеници сретнуваме и во Вохим (Суд 2, 5); Ветил (1 Цар. 10, 3); Масифа (1 Цар. 7, 5) и Галгал (1 Цар. 10, 8). А, пак, царот Давид ги нарекува блажени оние кои патуваат на свети места во името Господово: Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои (Пс. 83, 5).

Како во Стариот завет, така и во Новиот, имаме многу примери каде што е посведочено како луѓето одат на поклоничко патување во Ерусалим или на некое друго место. Еден од првите примери кој го сретнуваме во Новиот завет е патувањето на Пресвета Богородица во Ерусалим: А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин (Лк. 1, 39). Покрај ова патување на Дева Марија, во истото ова Евангелие сретнуваме и други две значајни патувања на Мајката Божја во Ерусалим, кога таа со Јосиф постапуваат онака како што пропишувале Мојсеевиот закон и преданието: И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа (Лк. 2, 22) и И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха. А кога Он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим (Лк. 2, 41-42). Традицијата на поклоничкото патување кое со векови било негувано во Израилот, со воплотувањето на Господа Исуса Христа и Неговата спасоносна мисија за човечкиот род нѐ била прекината, туку ваквата традиција била практикувана и од Самиот Спасител. А, дека Христос не се противел на истата ни сведочат и Неговите зборови, но и Неговата лична практика: Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам (Мт. 5, 17). Христос, не само како малолетен ги практикувал патувањата во Ерусалим, туку и подоцна откако започнал да ја проповеда Својата спасоносна наука Тој честопати патува во Ерусалим со Своите ученици и со Своите пријатели. Едно од поконкретните патувања го гледаме во Евангелието според Јован, каде што Христос со Своите браќа разговара за патувањето во Ерусалим, за празникот Сеници (Јн. 7, 1-10). Ако, пак, ги анализираме животот и дејноста на Христа според Евангелието, ќе забележиме дека целиот Негов живот и мисија претставуваат едно спасоносно патување низ сите краишта на Палестина.

Христос, на самиот почеток од Неговата мисија, ги повикува Своите апостоли и народот да го следат Неговиот живот и пат: …И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси (Мк. 8, 34-35). Од овие зборови на Спасителот, јасно е посведочено дека на човекот за спасение не му е доволно само да го слуша словото Христово, туку треба и да живее според него, односно тоа треба да претставува наше движење од она што е времено кон она што е вечно.

Според заповедта Христова и Новозаветната црква почива врз темелите на апостолското патување во светот: …Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден (Мк. 16, 15-16). Ова Исусова заповед за патување на апостолите низ светот со цел да сведочат за исполнување на ветувањето Божјо за спасение на човекот ни е потврдено и во Делата апостолски, каде што апостолите започнуваат да ја шират Христовата црква од Ерусалим и Палестина, па насекаде низ светот. А преку оваа нивна мисија, тие всушност го приготвуваат целиот свет како да го изоди патот на богопознанието, кој единствено може да се изоди преку Христа: …Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене (Јн. 14, 6).

Во постапостолскиот период христијаните кои живееле надвор од Палестина имаат слична практика како и Јудејците, да патуваат за Палестина и за Ерусалим, каде за цел имаат да ги посетат сите оние места кои биле поврзани со настаните од животот на Господа Исуса Христа, Пресвета Богородица, апостолите, мачениците и светителите. Како главна цел на поклоничките патувања на првите христијани во Палестина биле Ерусалим и Христовиот гроб, како и Витлеем со пештерата во која се родил Христос.

Во 313 година, со Миланскиот едикт, откако и христијанството станува слободна религија, идејата за патување во Палестина и други места на Исток почнува да се интезивира сѐ повеќе и повеќе. Света Елена, мајката на свети Константин, во 326 година организира едно поклоничко патување на Исток и Палестина, со цел да се посетат сите значајни места кои се поврзани со животот на Христа, Пресвета Богородица, апостолите и сите маченици кои пострадале за Христа. За време на ова патување света Елена ја дава иницијативата за градба на две базилики, едната на гробот од Господа Исуса Христа во Ерусалим и втората во близината на пештерата во Витлеем, каде што бил роден Христос. Втора значајна личност која на индиректен начин придонесува за развој на поклоничките патувања во христијанството е императорот Теодосиј Велики, со еден едикт од 27 февруари 380 година, во Солун. Од тој момент, па сѐ до денеска, традицијата да се оди на свети места кои се поврзани со животот на Спасителот, Неговата Мајка, апостолите, мачениците и сите светии Христови станува белег на христијанскиот начин на живеење, преку кој се сведочи за внатрешната вера, која ја поседува секој поклоник. Но, исто така, поклоничките патувања на верниците претставуваат и духовна храна, преку која секоја личност, мотивирана од својата внатрешна желба да се сретне со Бога на одредено место, станува реалност преку жртвата која ја принесува за време на неговото патување до одредено место. Преку ваквиот начин на почитување на Бога и на светителите, поклониците градат духовен дом во себе, во кој постојано ќе престојува благодата Божја, односно како што вели свети апостол Павле, човекот станува …храм на Светиот Дух… (1 Кор. 6, 19); и заповеда: …прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји (1 Кор. 6, 20).

Оваа вековна, библиска, црковна и историска традиција кај христијаните, да се посетуваат свети места од страна на оние кои се поучуваат во Словото Господово и оние кои се подготвуваат да работат на нивата Господова има свое место и во Правилникот на Македонската православна богословија.

Поклоничките патувања и научните екскурзии наменити се за надополнување и збогатување на теоретската настава која се изучува во Богословијата, како и за културното надградување на секој богослов. Но, исто така, преку овие активности богословите имаат можност да влијаат на околината во која се наоѓаат, да посведочат со своето богословско знаење, култура и вера. Односно, ова значи исполнување на Христовата заповед: …зашто нема ништо скриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на увото, разгласувате го од покривите (Mт. 10, 26-27)! или како што заповеда апостол Петар: …давајте му пример на стадото (1 Птр. 5, 3).

Цел на овие патувања на богословите, пред сѐ, се: сакралните објекти, т.е. храмовите кои најчесто се поврзани со одредени Господови, Богородични и светителски празници, особено се посветува внимание за посета на храмови во кои се наоѓаат дел од реликвии поврзани со Господа Исуса Христа и Богородица, но, исто така, и храмови во кои се наоѓаат мошти од светители и реликвии од светители. При патувањата посебен приоритет се дава на сакрални објекти, археолошки локалитети и културно-историски споменици, кои имаат посебна културно-историска вредност, како во Македонија така и во државите кои се предвидени во програмите за посета, што значи, како од локален карактер така и од меѓународен, а особено монументи кои се дел од светското културно наследство, т.е. заштитени од страна на УНЕСКО.

За време на овие поклонички и научни патувања богословите имаат можност да се запознаат и да остварат средби со личности од Црквата, културата и уметноста, со кои разменуваат мислења и искуства од верата, општата култура, историјата и други современи информации и достигнувања од општествениот живот.

Првата екскурзија е реализирана по предлог на Наставнo-научниот совет во Богословијата и со благослов на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква во период од 17 до 22 април 1969 година. Од оваа прва екскурзија, па сѐ до последната, богословите од различни генерации, покрај посетата на храмовите, манастирите, културно-историските споменици, археолошките локалитети и музеи во Македонија, слични посети направија и во следните земји: Грција, Турција, Србија, Романија, Русија, Црна Гора, Италија и Албанија.

Проф. м-р Момчило Павловиќ


Еднодневна ексурзија

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, на ден 02.05.2017 г., се реализира еднодневната екскурзија на учениците при […]