Хорот при МПБ настапи на „Богородичен покров“

На 15 октомври 2016 г., со благослов на ректорот на МПБ, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, хорот при Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ – Скопје настапи на Првиот меѓународен филмски фестивал на духовни и хумани вредности „Богородичен покров“. На денот на отворањето, хорот при МПБ, под раководство на проф. Игор Величковски, учествуваше на фестивалот и со самото тоа придонесе за збогатување и разубавување на истиот. Станува збор за првото издание на фестивалот кој се одржува со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Оваа година почесен претседател на фестивалот беше нашиот поранешен професор при МПБ протојереј-ставрофор Јован Таковски, а член во програмскиот совет – деканот на Богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски. Самото име на фестивалот кажува дека тој има за цел да прикажува и промовира филмови со духовна содржина. Оваа прва година, во четири денови, ќе бидат прикажани 15-тина играни и документарни филмови од Русија, Чешка, Италија, Грузија, Србија итн. вклучувајќи и секојдневни предавања, трибини и работилници од гостите од Русија и Чешка. На денот на отворањето беше одржан мастер-класот на о. Јован Таковски по повод 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски.

известува проф. Петар Георгиевски