Архиерејска литургија со Призив на Св. Дух

01.09.2024 Во Македонската Православна Богословијата (МПБ),св. Климент Охридски – Драчево, се богослужеше света архиерејска литургија и призив на Св. Дух за почеток на новата учебна година, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел кој е воедно и ректор на Богословијата, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Овој чин се извршува за просветување и очистување на срцата и умовите на учениците, за да можат со Божја помош да ја совладаат науката над науките и да дојдат до Богопознание.
Со благослов на Митрополитот и ректор на МПБ г. Агатангел, поздравно слово произнесе Митрополититот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓу другото истакна:

Bаше високопреосвештенство – почитуван ректоре,
почитувани професори и воспитувачи, најмили ученици,
Секогаш кога доаѓам тука во нашиот Светиклиментов расадник мислите ми се
навраќаат и ми надоаѓаат безброј спомени од времето на моето школување во ова наше
богословско училиште. Така е и денес, во овој септемвриски ден, кога повторно ми се даде
можност, благодарение на поканата и честа од Вашиот ректор, а мој собрат Митрополитот
г. Агатангел за што му благодарам, повторно ми надојдоа спомени. Се сеќавам на моето
прво доаѓање во ова школо, на првата богослужба, како и на првите денови, кога како еден
од најмалите ученици во оваа школо се запознававме со учениците од погорните години и
од нашите наставници и воспитувачи го учевме поредокот и тоа како треба да се однесува
еден богослов. Прагот на оваа Богословија јас го пречекорив во септември далечната 1997
година, а пет години потоа во 2002 година матурирав и го продолжив мојот подвиг во
верата, кој на еден начин започна од Богословијата, во која сите ние стекнуваме навики и
воспитание, кое ни останува норма и кодекс на однесување преку целиот наш живот.
Некои од Вас овој септември прв пат ја пречекорија вратата на ова школо и за прв
пат се тука со нас. Некои за прв пат ја осетуваат разделбата од своите најблиски и целосно
се предаваат на Божјата волја и промисла за нив, и го започнуваат своето образование за
да го стекнат вистинското воспитание и вистинската наука, која ќе им донесе спасение не
само нив, туку и на оние околу нив и на оние кои во иднина ќе ги водат и учат во верата.
Други од Вас се веќе подолго во Богословијата, со некои се знаеме, со некои ќе се
запознаеме, но тука во Богословијата сите ние заедно сме едно поголемо семејство, една
заедница, која учи и се моли на Бога, Својот Создател, која стекнува познавања за теологијата, но која се труди освен умствено и духовно да напредува, да созрева за да на
крајот од овие врати излезе како матурирана и созреана личност, која размислува и живее
вистински христијански живот.
На оваа Божествена литургија, како и на призивот на Светиот Дух, ние сите заедно
Ги упативме молитвите кон Троичниот Бог за да ни го испрати Божјиот благослов,
благодатта на Светиот Дух, за да нашиот разум и срце ги примат и разберат богословските
науки, но и за да тоа што теоретски ќе го научите, истото и да го живеете и практикувате и
тука и дома, и надвор и секаде да го сведочите Христа, нашиот Спасител. Икористете го
полезно времето од учебната година. Учете, но и другарувајте, трудете се да ги развивате
Вашите дарови и таленти, со кои Ве обдарил Бог. Спортувајте, но и интересирајте се и за
нашата богата литература, богатството што го нуди нашиот литературен јазик и секако за
културата и традицијата на нашиот народ, кои треба да ги чуваме. На нашата Црква,
држава и народ денес им се потребни сестрани и образовани свештеници и пастири, кои ќе
бидат спремни да го водат Христовото стадо во верата, надежта и љубовта. Вие треба да
бидете идната сила на Црквата, столбови на верата и охрабрувачи на македонскиот и на
сите православни народи и луѓе.
Бидете послушни на Вашите учители и воспитувачи предводени од Вашиот ректор,
кои имаат огромна една огромна татковска должност кон сите Вас учениците. Засакајте ја
молитвата и литургиско-богослужбениот живот. Ги слушнавме сите зборовите од
денешното Евангелско четиво: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“ (Матеј
17,21). Молитвата придружена од постот е многу значајно оружје во победата на
искушенијата и тешките моменти. Благодарете Му на Бога за сè! Следете ги Божјите
заповеди и имајте љубов помеѓу себе. Верувајте бескрајно во Бог и во Неговата промисла
и милост.
На крај од ова мое обраќање, сакам најтоплосрдечно да Ви посакам, Вам и на
Вашите професори и учители во верата успешна школска година и многу успех! Нашиот
просветител и патрон свети Климент Охридски нека Ве чува и пази! Нека е за многу години!