МАТУРИРАШЕ 56-ТАТА ГЕНЕРАЦИЈА МАТУРАНТИ ПРИ МПБ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ – СКОПЈЕ

Денес, на 11.6.2024 година, беа доделени дипломите на 56-тата генерација богослови при Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ – с. Драчево, Скопје.

На свечениот чин, којшто се одржа во просториите на Богословијата, беа присутни: Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан; ректорот на Богословијата – Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и Митрополитите: Брегалнички – г. Иларион и Тетовско-гостиварски – г. Јосиф, којшто, воедно, беше и пратеник од Синодот на МПЦ – ОА на овогодишните матурски испити.

На доделувањето на дипломите присуствуваа и професори од истоимениот Богословски факултет, севкупниот наставнички колегиум на Богословијата, како и свештеници и монаси – поранешни ученици и почитувачи на просветната дејност на овој духовен расадник.

Во прилог и свеченото обраќање на овогодинешниот пратеник од Синодот на МПЦ – ОА, Митрополитот Тетовско-гостиварски – г. Јосиф:

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван Ректоре, пречесни оци, господа професори и драги матуранти.

Ми причинува особена чест што можам да кажам неколку збора како пратеник на САС на МПЦ- ОА кон завршените богослови. Почитувани ученици денес сте исполнети со радост, бидејќи завршувате со еден период од вашиот живот. Успешното завршување на богословијата ве радува вас, вашите родители, вашите професори, не радува и сите нас овде присутни на оваа свеченост, ја радува и целата Македонска православна црква.

До денес вие бевте ученици на Богословијата, а од овој ден станувате учители на народот. До сега ве оценуваа вашите професори, а одсега оцената за вашето познавање и однесување ќе го дава Бог и народот. Затоа гледајте да не паднете на тој испит. Запомнете, од денес животот е тој што ке ве кали и учи како треба да постапувате. Најпрво со труд, со работа, преку своето образование и саморазвитие, да си обезбедите место во заедницата.

Работата го издигнува човекот и го води кон совршенство. Трудете се да бидете полезни за себеси и од полза на другите луѓе, па заедно со нив да го исполнувате законот Христов. Радувајте му се на животот и сакајте ја чесната и достоинствена работа. Трудете се во верата. Секогаш гледајте да се ослободите од лошите мисли, чувства и желби. Трудете се да мислите за Бога, да се насладувате од чудесниот Божји мир и да принесувате благодарност и слава на Бога за се. Служете пред се на Бога, на нашиот македонски православен народ, на нашата Македонска православна црква. Амин. Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин!