Во периодот од 07. 05. 2024г. до 12. 05. 2024г., со благослов на САС на МПЦ-ОА беше организирано матурското патување на 56та генерација богослови при МПБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, кое се состоеше во посета на храмови и манастири во Србија во наведениот период.
За време на нашиот престој, успеавме да посетиме мноштво храмови и манастири кои датираат во периодот од XIIIв. – XIXв., и се од значајно црковно и културно-историско наследство на СПЦ и Србија, а воедно и значајни духовни светилишта со развиени црковни и монашки заедници, кои за нас беа од големо духовно значење. Како дел од нив, ќе ги издвоиме манастирите: „Успение на Пресвета Богородица“ – Суково (XIXв.), „Св. Јован Богослов“ – Поганово (XIVв.), „Вознесение Христово“ – Раваница (XIVв.), „Света Троица“ – Манасија (XVв.), „Св. Никола“ – Ново Хопотово (XVв.), „Св. Никола“ – Гргетег (XVв.), „Свети Архангели“ – Ковиљ (XIII-XIVв.), „Св. првомаченик Стефан“ – Лазарица (XIVв.), „Успение на Пресвета Богородица“ – Љубостиња (XIVв.), „Вознесение Христово“ – Жича (XIIIв.), „Успение на Пресвета Богородица“ – Студеница (XIIв.), „Света Троица“ – Сопоќани (XIIIв.) и многу други…
На 09. 05. 2024г., присуствувавме на празнично бдение во Соборниот храм „Св. Сава“ – Белград, а потоа и на Свечена академија во криптата на храмот „Св. Сава“, организирана по повод школската слава на СПБ „Св. Сава“ – Белград. Наредниот ден (10. 05. 2024г.) по истиот повод, присуствувме на Света Архиерејска Литургија во храмот „Св. Сава“ – Белград, со која чиноначалствуваше Неговата Светост, Патр. Српски г.г. Порфириј. Помеѓу бројните свештенослужители (епископи, свештеници и ѓакони – претставници / свештенослужители на богословиите во Србија: СПБ „Св. Сава“ – Белград, СПБ „Св. Арсениј Сремски“ – Сремски Карловци, СПБ „Св. Кирил и Методиј“ – Ниш и СПБ „Св. Кирил и Методиј“ – Призрен) на литургијата сослужуваше и о. проф. Дарко Милев, како претставник на МПБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
За време на нашето патување, ги посетивме и богословиите: СПБ „Св. Кирил и Методиј“ во Ниш, СПБ „Св. Арсениј Сремски“ во Сремски Карловци и СПБ „Св. Сава“ во Белград, кои за време на нашата посета во знакот на Христовата љубов, нè удостоија со најтопол христијански и братски пречек во име на Христа воскреснатиот. За време на тие посети, успеавме да се запознаеме со работата, научната дејност и внатрешниот живот на тие наши собратски црковно-образовни институции, како што и да размениме многу заеднички мислења и искуства кои се однесуваат на нашиот богословско-образовен и институционален процес и живот, кое за нас беше од огромно и полезно значење.