Со благослов на Митрополитот Повардарски и ректор на МПБ ,,Св. Климент Охридски, г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Расправата со Пир“ од свети Максим Исповедник. Оваа книга е наменета за богословите, за учениците и студентите на Теологија, за клирот, но и за секој богољубив христијанин кој сака подлабоко да ја научи и практикува нашата вера. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на свештеникот и професор при МПБ ,,Св. Климент Охридски”, о. Дарко Милев.
Предговор на книгата
Пред нас имаме мало, но многу зачајно дело, од познатиот монах и голем богослов на Светата Црква – светиот Максим Исповедник, кој живеел во VI-VII век, во времето кога сѐ уште не била разјаснета Православната вера, па поради тоа Црквата постојано била разбранувана од разни ереси и еретички движења и напади. Свети Григориј Богослов вели дека, „ние христијаните ќе заспиевме читајќи го Светото Писмо, ако не се појавеа ересите“, затоа што секој се задоволува од својот живот и напредок, и мисли самозадоволно дека го достигнал врвот и ништо повеќе не му треба. Но, појавата на ересите ни го пореметува мирот и комфорот, и нѐ тера да размислуваме.
Зошто се погубни ересите? Зошто светите отци на Црквата реагирале против нив, често пати и многу остро? Денес живееме во време на секаква толеранција, на супер-коректност, која често добива демонски димензии, и нивната борба не можеме да ја сфатиме. Ерес значи искривување на верата, одвојување, делење, односно, еретик е оној кој се одвоил, кој отпаднал од Бога и од Светата Православна Црква – Телото Христово, и за таквите нема спасение. Реакциите на светите отци се пред сѐ од љубов и грижа за отпаднатите, за болните во верата, за нивно враќање во нормалниот поредок и вера, без кои нема спасение. Секое усвојување на било каква еретичка мисла, нека е тоа и некоја наивна и ситна работа, сепак, долгорочно, тоа ќе донесе свои последици. „Искривена вера – искривен живот“, нѐ предупредуваат светите отци на Црквата, кои зборувале просветлени од благодатта на Светиот Дух, но и од лично искуство од општењето со тогашните еретици, кои не биле во ништо подобри од денешните еретици, кои ги нарекуваме секташи.
Свети Максим исповедник живеел свет живот, со многу подвизи, со учество во Светата Литургија, причестувајќи се со Телото и Крвта на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и примајќи ја несоздадената Божја благодат во себе, бил со просветлен ум, бил обожен, и со таква духовна зрелост и раст, творел и пишувал многу дела. Со неговите заложби и беседи многу христијани кои паднале во некоја ерес, меѓу кои имало и свештеници и архиереи, самиот тој ги преобратил кон вистинската, православна вера. Бил многу образован, но главното образование го добил под дејството на Светиот Дух, Кој од овој обичен монах направил харфа, инструмент Божји, преку кого Самиот Бог говорел и до ден денес ни говори.
Свети Максим е голем богослов на Светата Православна Црква, но, за жал, малку од неговите дела се преведени на современ македонски јазик. Преку перото на искусниот преведувач, блаженоупокоениот архиепископ Михаил, до нас стигнаа четирите стотици кои се објавени во третиот том од Добротољубието, а ова е второ дело кое се објавува и од кое може многу да научиме.
Делото кое го имате пред вас е наменето за богословите, за учениците и студентите на Теологија, за клирот, но и за секој богољубив христијанин кој сака подлабоко да ја научи и практикува нашата вера. По молитвите на светиот Максим Исповедник, Бог да нѐ води по патот на спасението и да издигне од нашите редови вакви ревносни и свети богослови како светиот Максим. Амин.
Митрополит Повардарски
+Агатангел
Ректор при МПБ ,,Св. Климент Охридски”