Велигденско послание-Митрополит Агатангел (и ректор на МПБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје)

13.04.2020.

АГАТАНГЕЛ

По милоста Божја Митрополит Повардарски,

до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на

Македонската православна црква – Повардарска епархија,

а по повод Воскресението Христово – Велигден,

испраќа мир и благослов од Бога,

Возљубени наши духовни чеда!

Божјата порака за мир и добрина меѓу човештвото, на ниту еден начин не можела да биде помрачена и затскриена. Бог посакал да победи љубовта во овој свет и Неговиот триумф се покажал во воскресението и прославата на Исуса Христа. Пораката на Воскреснатиот Господ Исус Христос се состои во тоа дека животот е посилен од смртта, дека светлината е посјајна од мракот, дека Воскресението е помоќно од гробот, дека доброто е поистрајно од злото, дека милоста е послатка од гревот, дека љубовта е потворечка од омразата, дека простувањето е поблагородно од осветата, дека верата е поспасоносна од неверата, дека молитвата е поделотворна од стравот. Затоа Велигден е ден на животот и радоста, ден на ведрата иднина. Велигден е празник кој со векови на светот му носи порака за спасение. Христовото воскресение од мртвите е нашето лично воскресение од очајот и бесмислата. Воскреснатиот Господ ни доаѓа, ни се придружува и патува со нас, престојува во нашите семејства и Неговата присутност нè радува, нè храни и духовно нè воздигнува и осилува. Тоа се Божјите дарови кои со благодарност ги примаме на овој празник. Тоа се Божјите добрини кои ја облагодаруваат нашата заедница и ја градат нашата лична духовна хармонија.

Драги браќа и сестри Македонци!

Денес е денот на нашата внатрешна радост – радоста која не е поматена од илузии и која не е плод на тага, празнина и суета. Прославата на Велигден е сеќавање на победата над земната стерилност, безживотност и страдање. Воскресенската победа е нашиот личен Велигден во вечноста и славата. Велигден е денот на мојот личен препород, денот на мојата лична победа од која се затоплува моето срце. Воскресението е приказ на несебичната Божја љубов спрема човекот. Велигден е победа на животот над смртта, небесен знак на неминливиот триумф на доброто над злото. Денес се исполни Божјиот план и промисла за спасението и избавувањето од неволјите човечки. И покрај сите наши слабости и ограничувања, и покрај сето зло кое денес се манифестира во светот, преку вера и трпение станува можно да се досегне нашето повторно раѓање и лично воскресение. Нашите надежи не завршуваат во догледната иднина на земниот живот. Христовото воскресение ни ја отвора портата на вечноста. Сите дела човечки ќе пропаднат и исчезнат, само богатењето во вечноста е трајно и сигурно.

Драги браќа и сестри Македонци!

„Дојдете кај Мене сите уморни и обременети и Јас ќе ве успокојам“ – вели Господ. На денешниот ден се ослободуваме од сите наши слабости и со помошта на Воскреснатиот Бог ја победуваме секоја темнина и поробување. Денес, се ослободуваме од секое зло, од секој страв, од секоја себичност, од секоја омраза, од секоја безнадежност и безверие. Смртта е победена и настанува новиот живот! Денес се вдомува духовната пролет во животот на верните. Подготвено е полето Господово во нашите души, на кое ги засадуваме најубавите и најмирисливи духовни цветови. Денес е правиот ден на обновувањето и духовното заздравување, зашто светлината дојде во овој свет, се појави лекот кој обновува и ги превива раните на слабоста и очајот. Воскреснува мирот и љубовта која храни, ослободува и облагородува. Велигден не е само победа над злото, неправдата и гревот, туку тоа е победа и на вистината, на правдата, на Божјиот мир и благослов во светот. Денес го славиме воскресението на нашето човечко достоинство. Ние сме родени за вечност и затоа со право можеме да се радуваме.

Возљубени наши духовни чеда,

Како човештво, постојано и без прекин сме соочени со болестите. Денес е најбитно да не ја изгубиме верата и довербата во Бога, Кој е лекар на душите и телата човечки. Болеста понекогаш го отвора нашиот поглед за вистината, а скриеното го прави очигледно. Таа е еден од оние знаци на стварноста, кои поттикнуваат на исправање на погрешните и наивни поимања за животот. Болеста го побива нашиот себичен однос кон светот и кон ближниот. Светот не постои само за лично уживање и лакомо искористување на неговите дарови и богатства. Болеста го буди човекот од заспаноста и длабокиот сон и ги руши неговите илузии и лажни претстави за животот. Таа го остри нашиот слух, за да може подобро да го чуеме гласот на Светиот Дух, Кој Единствен е во можност правилно да нè поучи за нас самите и за целокупната стварност. Среќата, понекогаш, знае да биде лажна, но несреќата секогаш е вистинита. Болеста, и секоја друга несреќа, нè открива пред нас самите, какви навистина сме. Мнозина од нас, при тешки и навидум безизлезни ситуации, осознаваме дека внатре, во себе, сме изградиле христијанство без крст, сме креирале приватна религиозност со замислен „Бог“, кому ние му ги диктираме условите и прописите за неговото однесување. Болеста, и секоја друга несреќа и товар, нè поттикнуваат на анализа на личното постоење, и во таа смисла, болничката постела станува учителка на животот. Здравиот човек ја чувствува пријатноста на живеењето. Се потпира на таа угодност, се потпира на животната сила и на личното здравје. Но, клучна точка е кога ќе настапи неволјата и несреќата. Тогаш, наеднаш и неочекувано, од темел се менува сè. Праведниот Јов, во сиромаштво, во болест и во осаменост станува предаден и исправен Божји слуга, кој на својот Бог му служи без причина и без никаква награда и очекување. Преку болеста човекот коренито се променува, а воедно и се оспособува за прочистување и за воспоставување на нов поглед на животната реалност. Бог од нас во оваа ситуација очекува доверба и смиреност. Колку и да ни изгледа непоимливо, неразумски и нелогично, болеста понекогаш е важна за созревање на човештвото. Божјото откровение малку ни кажува за смислата на маките и животните страдања. Нашата потреба за знаење и јаснотија не е задоволена, па затоа понекогаш му приговараме и се „препираме“ со Бога за оваа таинственост. Но, Божјата мудрост и сила се доволно јасни за нашиот внатрешен дух, потребно е да Го следиме Бога не само во светлината на Неговата присутност, туку и во темнината на Неговата скриеност, која никако не е отсутност, ниту напуштеност. Болниот човек станува истакнато место на Божјата присутност, затоа да не очајуваме и да не паѓаме со духот, зашто во маката и страдањата, во болеста и несреќите, најјасно се покажуваат великите Божји дела. Ако бидеме истрајни, смирени и посветени, ќе го сетиме Неговиот дар на исцелувањето, за кој, секојдневно жеднееме и кој, како печат на Светиот Дух, ќе биде врежан врз нашите изморени чела. Ќе помине и оваа несреќа, а ние од неа ќе излеземе духовно посилни и помудри, зашто тоа е процес кој ќе нè зацврсти како личности, како луѓе и христијани.

Драги браќа и сестри Македонци!

Во овие тешки моменти за нас и за целото човештво нека Воскресне Господ во длабочините на нашите души за да ја сетиме силата и убавината на денешниот ден и на денешната прослава. Милостиво нека ни дарува да ја сетиме радоста на Неговите ученици кога за првпат со свои очи Го виделе Воскреснатиот Спасител. Нека се отворат портите на нашите срца со единствениот клуч кој го облагородува животот човечки и преку кој ни се подава спасоносниот мир. Преку овој дар, за кој секодневно жеднееме, нека се смири секој човек, нека бидат прегрнати сите народи на овој свет. Нека се исполнат нашите срца со вера и утеха, нека исчезне секој страв, зашто победата одамна превагнува на страната на доброто и во вечна слава мртвите ќе воскреснат. Од Божјата близина и од Неговото спасоносно присуство нека биде уништена секоја потиштеност, нелагодност и несигурност. Воскресната радост нека ги исполни нашите битија, зашто Ти си наше Воскресение и Живот. Ти си Оној Кој нè ослободува од секоја заробеност, од секоја затвореност во нас самите. Ти си Спасителот на секој од нас и на сите добри луѓе во овој свет. Нека се насели Господ во нашите души и ние веднаш ќе препознаеме дека Он е нашиот постојан и трпелив сопатник. Нека ги отвори Господ нашите замрежени очи за да го препознаеме Неговиот стократен плод на љубовта. Нека нè научи на Неговиот крст, на секое Негово страдање. Нека ни ги покаже Неговите рани, оние вечни белези на посветената љубов. Нека одекне во нас новата вера во Божјата присутност, нека ни биде дарувано доволно сила и знаење за преку нас и другите Бога да Го препознаат. Нека нè направи сведоци на Своето воскресение во денешниот свет. Љубовта, која победува на крстот, нека биде сигурно прибежиште, упориште и бедем во борбата против секоја болест и против секое гревовно зло и постојано нека нè вдахновува во истрајноста при градењето на мирот, соживотот и светлата иднина.

Драги браќа и сестри Македонци!

Обасјани од светлоста на Христовото Воскресението да си простиме еден на друг. Ви посакувам многу радост и љубов, а Божјиот благослов постојано нека биде со Вас во овие тешки и неизвесни денови. Преку нашите очистени срца да ја согледаме светлината на Божјата љубов Која го осветлува патот кон вечното спасение. Радоста на Воскреснатиот Христос нека нè сплоти и соедини во единствена спасоносна заедница, која ќе биде утеха и прибежиште за нашите идни генерации. Иднината нека ни биде исполнета со помирување, покајание и преумување. Да го искористиме ова време за прочистување на нашата совест и за освежување на нашето паметење, бидејќи само на тој начин можеме да го чекориме патот на вистинската преобразба која ќе нè приближи на Божјата светост. И покрај тешкотиите, маките и страдањата, со кои деновиве се соочуваме како човечка цивилизација, не смееме да престанеме во нашите срца да ја негуваме надежта и крепоста. Благодарение на нив сите тешкотии и овоземни проблеми ќе ги гледаме од една повисока перспектива. Во виорот на животот, човечноста ни овозможува да не ја изгубиме од вид нашата конечна цел, која ни дава сила, смисла и вредност на животот. И покрај црните сенки, кои се закануваат да ги замаглат нашите видици, не смееме да престанеме да веруваме во едно подобро и поправедно утре. Од надежта и молитвата да ја црпиме силата како не би малаксале во верата и милосрдието. Ваквото наше духовно усмерување во чекор е пратено и охрабрувано од Воскреснатиот Христос. Бог нека ги чува нашите семејства и со Својата спасоносна прегратка нека ги штити и закрилува македонскиот народ, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нашата љубена татковина Македонија.

Христос Воскресе!

Навистина воскресе!

Во Велес,

на Велигден,

2020-то лето Господово