Со благослов на нашиот ректор, Неговото високопреосвештенство митрополитот Агатангел, а на покана на бигорскиот игумен, Неговото високопреподобие архимандритот Партениј, богословите, како и дел од професорите при МПБ „Свети Климент Охридски“ во Драчево, ја имаа можноста да заедничарат со бигорското братство, за време воскреснатиот циклус на богослуженија, започнувајќи со саботното бдение и завршувајќи со Божествената литургија следното утро.
По завршувањето на неделната богослужба и заедничката трпеза, отец Партениј ги прими богословите на разговор во манастирскиот архондарик, каде што уште еднаш татковски ги посоветува и поучи за нивната идна одговорност, но и ги запозна одблиску со монашкото живеење, со дел од своето искуство, како и со некои особености на манастирското богослужение и животот во манастир.