Екскурзија во Кумановско-осоговската епархија

На 20 и 21 октомври 2018 г., на покана од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, учениците од МПБ беа на екскурзија во неговата епархија.

Екскурзијата започна со посета на манастирот Св вмч. Георгиј во Старо Нагоричане, по што богословите пристигнаа во манастирот Св. Јоаким Осоговски, на Вечерна богослужба.

Следниот ден беше отслужена Божествена литургија, која беше возоглавена од домаќинот – Митрополитот Кумановско-осоговски, во присуство на игуменот на манастирот – архимандрит Григориј, а во сослужение на професорите-презвитери и свештенослужителите од епархијата, секако, збогатена на гласовите на учениците.

На Литургијата архимандритот Григориј се произнесе со беседа (еден вид философски трактат), која беше посветена на параболата за сејачот и семето, за потоа да се префрли на талантите, укажувајќи им на богословите дека мораат да дадат плод, а воедно потсетувајќи ги на вечноактуелната борба со денешниот хедонизам и страстите, сакајќи да запомнат дека егоцентризмот треба да се претвори во Христоцентричност, бидејќи само на тој начин несоздените енергии ќе го посетат нивното срце, правејќи го богоосенето.

Овие два дена Митрополитот беше постојано со учениците: во разглед на манастирот, на богослужбите, на трпезите, со што целосно односно пастирски им се посвети, со цел да придонесе за нивниот духовен развој.

Високопреосветен Владико, ти благодариме за гостотримството, духовноевхарстиското заедничарење и татковскиот однос.