Свечена прослава по повод матурирање на јубилејната 50-та генерација богослови

На 16 јуни 2018 г. на свечен начин се прослави матурирањето на јубилејната 50-та генерација богослови при Македонската Православна Богословија „Свети Климент Охридски“, во Драчево, Скопје.
На трпезата на љубовта класниот раководител на дипломираните богослови, отец м-р Антонио Апостоловски се произнесе со следното слово:

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, (Ваше Преосвештенство), почитувани отци и професори, драги ученици, почитувани гости.

Денес завршува петгодишното образование на јубилејната 50-та генерација богослови. Токму поради тоа, најпрво би сакал да го изразам моето задоволство и честа, да бидам класен раководител на оваа генерација. А честа е уште поголема, бидејќи оваа учебна година за нас беше исполнета со радосни моменти, односно со празнувањето на 1000 години Охридска Архиепископија, како и 50 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Два јубилеја кои се многу значајни за нас и за нашата света Црква. Но, тука не смееме да го заборавиме и јубилејот што го прослави нашава Богословија, поточно 50 години од отворањето на училиштето. Веќе половина век овој духовен расадник подготвува кадри за идни свештеници, а со тоа ја продолжува мисијата на нејзиниот патрон – светиот Климент Охридски. Поттикнати од големината и значењето на овој настан, професорскиот колегиум заедно со ректорот, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, подготви едно обемно дело – Монографија, во кое се одбележани значајни настани и личности од 50 – годишното постоење на нашето училиште. Кон овој наш труд се приклучија и неуморните ученици, кои успеаја да го оживеат старото списание – Млад богослов, издавајќи во оваа учебна година два нови броја.

Изминативе пет години, со учениците имавме и радосни, но и тешки моменти. Добро знаеме, сите, дека школувањето во Богословијата не е воопшто лесно и бара труд, што значи – претставува голем подвиг. Затоа, оној којшто се образувал во оваа институција, поставил добри основи во својот богословски живот, темели врз кои ќе може во иднина да се надоградува. Излегува одовде како созреана, добро оформена личност, која понатаму ќе може да Му служи на Бога, и на Црквата. Токму овде, во ова училиште, се дава вистинската насока по која треба да се движи секој богослов во својот живот. Јас искрено се надевам, дека успеав во одредена мера да ги насочам своите ученици правилно, и да ги изведам на вистинскиот пат, грижејќи се подеднакво за сите, како вистински пастир. Бидејќи знаеме како вели Господ Исус Христос: „Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си го полага животот свој за овците“. Поучен од овие зборови, уште од првата година се трудев да бидам добар класен раководител. А тие, пак, како одговор на мојата грижа го дадоа нивното послушание и секогаш беа разумни и послушни.

Сепак, денешната радост не е комплетна, поради фактот што двајца ученици не го положија успешно зрелосниот испит. Имено, едниот од нив ќе полага два предмета во месец август, а другиот ќе ја полага целата матура следната година. Но, затоа пак, им посакуваме успех во нивниот нареден обид.

И за крај, а во контекст на претходно кажаното, би сакал да ги упатам следниве совети кон вас, драги ученици. Никогаш не заборавајте дека сте богослови и не застранувајте од вистинскиот пат. Секогаш во вашите уши нека одѕвонуваат Божјите заповеди, како и поуките од светите отци. Збогатувајте го и во иднина вашето богословско знаење и секогаш нека ве красат добри дела. Спомнувајте си за зборовите на светиот апостол Павле, кој вели: „И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сѐ повеќе во тоа да напредувате“. Вашето понатамошно образование ќе го продолжите на Богословскиот факултет, па потрудете се да напредувате на научен и духовен план. Чувајте ја секогаш љубовта помеѓу вас, живејте братски како и до сега, бидејќи на тој начин ќе ве познаат дека сте Христови и ќе бидете секогаш добар пример за народот. А кога ќе излезете од оваа зграда, од оваа наша Богословија, поставете си една цел, која Нашиот Спасител им ја даде и на Своите ученици, кога им рече: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот.“ Амин!