Чествување на патронот во Македонската богословија

Чествувањето на патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, светиот чудотворец Климент Охридски, секоја година најпрво започнува со празнични активности во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“. Оваа јубилејна година, во која ја прославуваме 50 годишнината од возобновувањето на нашата света Македонска православна црква, е значајна и за богословијата која исто така слави полувековековен опстој како образовна институција, која роди и образува многумина духовни пастири на нашата света црква.

Чествувањето започна со Вечерна богослужба во црквата „Св. Спас“ во Драчево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, потоа ректорот на Богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На вечерната богослужба сослужуваа повеќе свештенослужители, а молитвено присуствуваа голем број на свештеници, професори во Богословијата и сите ученици богослови.

По завршувањето на Вечерната богослужба, започна чествувањето во капелата на Македонската богословија, кадешто Митрополитот Преспанско-пелагонсики г. Петар го освети празничниот колач. По ова беа доделени наградите на богословите со најдобри дела од конкурсите за проза и поезија. Оваа година чествувањето на патронот на богословијата беше посебно торжествен, поради промоцијата на едно капитално дело, а тоа е „Монографијата – 50 години Македонска православна богословија“. Промотори на делото со своите прекрасни излагања беа Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и долгогодишниот професор во Богословијата, протоереј – ставрофор Јован Таковски. На крајот ректорот на богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел им се заблагодари и им честиташе на сите оние кои учествуваа во подготовката на ова дело, како и на сите генерации богослови и наставнички кадар, кои се вградени во овој голем и значаен јубилеј за Македонската православна богословија.