На 10.06.2023, свечено прославувајќи се одбележа матурирањето на 55-та генерација богослови. На свеченоста присуствуваа ректорот на МПБ, Митрополитот повардарски г. Агатангел, Митрополитот европски г. Пимен, Митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј, поранешниот Митрополит кумановско-осоговски г. Јосиф, овогодинешниот синодски пратеник протоѓаконот, професор д-р Ратомир Грозданоски, деканот на Богословскиот факултет професор д-р Ѓоко Ѓорѓевски, почитуваниот Градоначалник на општина Кисела Вода, господинот Орце Ѓорѓиевски, професорскиот колегиум при МПБ, како и бројно свештенство и почитувани и драги гости и поддржувачи на МПБ.
На трпезата на љубовта класниот раководител , професор м-р Живомир Јосифоски произнесе пригодно слово, со кое им посака понатамошен успех на дипломираните богослови. По повод успешното завршена матура на учениците свое излагање имаше пратеникот на САС на МПЦ-ОА протоѓаконот, професор д-р Ратомир Грозданоски. Ученикот Димитар Наумоски, исто така произнесе благодарствено слово.
Во прилог произнесеното слово на професорот м-р Живомир Јосифоски:
Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, почитуван пратенику на Светиот Архиерејски Синод, почитуван градоначалнику на општина Кисела Вода, чесни отци, ценети професори, драги гости и возљубени матуранти.
Се нанижа нов бисерен дијамант на герданот богословски, нови членови во семејството завршени богослови, нови сведоци на традицијата, нови предавачи на Преданието. Секој бисерен дијамант е посебен, секој е ценет и прекрасен. Таквата убавина дијамантот ја добива преку брусење. Брусењето на овие скапоцени камења беше со времетраење од пет заеднички поминати години, години исполнети со изучување и живеење на богословието. Под поимот богословие подразбираме: начин, образ, способност за восприемање и усвојување на Божјото Откровение, пренесување на истото како Свето предание и негова примена во секојдневниот живот. Мудриот Соломон вели: Сѐ има свое време, и секоја работа под небото има свое време; време кога садиш и време кога го корнеш насаденото (Проп. 3, 2-3).
Возљубени матуранти, дојде и времето за кое говоревте и копнеевте од самите почетоци, времето за кое служевте, се трудевте, времето кое од вас бараше особена жртва, влог и подвиг за кое вложивте усилби и подвиг, и ете денес го собирате плодот, на вашиот труд, труд вложен сиве овие години, верно исполнувајќи ги зборовите на св. ап. Павле: пази го она што ти е предадено (1 Тим. 6, 20). Во таа насока дозволете уште еднаш да ви ги напомнам зборовите и препораките на црковниот учител Викентиј Лерински кој вака расудува во однос на прашањето што е Предание? „Што ти е поверено, тоа и предај го. Си добил злато, злато и предај… Учи на тоа што тебе те учеле.“ Па, така, трудете се и понатака да бидете вистински богослови, не застранувајте од вистинскиот пат којшто го избравте, бидете ученици кои го учат словото Божјо и живеат според него за вас како и денес да ве препознаат по карактеристиката која ја дава апостолот: и сѐ што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, кои се способни и други да научат (2 Тим. 2, 2).
Дозволете да ја искажам својата благодарност кон нашиот ректор за укажаната чест, доверба и достоинство укажани во сега веќе далечната 2018 година, да бидам поставен на важната и ни малку лесна, туку напротив многу одговорна служба како класен раководител на 55-та јубилејна генерација богослови. Благодарам и на моите колеги кои секогаш беа тука за консултација и добронамерен совет. Особена благодарност до матурантите за помошта и олеснувањето на службата, во која за прв пат се најдов, оти во текот на сите овие години ве красеше љубовта кон Словото, послушанието, верноста на Црквата, желбата за знаења, радоста и дружбата. Особена благодарност и до ценетиот и еминентен професор, овој пат во својство и на пратеник на САС, протоѓаконот, професор Ратомир Грозданоски кој ја вложи својата лепта и го збогати нашето заедничко дело пренесувајќи го своето педагошко искуство со збор и со дело, додавајќи радост на радоста.
Како класен раководител од името на матурантите, професорите и мое лично име, сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на Неговото Блаженство г.г. Стефан, на нашиот Ректор, митрополитот г. Агатангел, и останатите членови на САС на МПЦ за дадениот благослов, и особената можност да се вклучиме во прославата и молебниот на нашите македонски и сесловенски просветители, овозможувајќи го нашето физичко присуство пред моштите на св. Кирил во Вечниот град – Рим, во Базиликата Сан Клементе за време на наставно-научната матурска екскурзија, та барем на кратко да бидеме и во присуство на Учителот на нашиот патрон и наш образец, на дело да ја согледаме и воспееме рамноапостолната мисија, во која со ревност и љубов во Христа светите браќа застанаа застапувајќи се за словенскиот јазик, водени од зборовите Христови: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси. (Марко 8, 34-35); оставајќи ги можните кариерини и земни напредувања ни ја покажаа вистинската Светлина (Јован 8, 12) присоединувајќи нѐ кон Словото преку преводот на светите книги на наш мајчин разбирлив јазик.
Во завршниот дел на моето обраќање, вам драги матуранти ви посакувам успех во понатамошното надградување и исполнување на духовниот потенцијал и ви ги пренесувам и повторувам како свои последни напатсвија зборовите на св. апостол Павле: И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден (1 Кор. 15, 58).
Зрелосниот испит, што се одржа во изминатиот период во просториите на оваа духовно-образовна институција, под будното око на нашиот Ректор ̶ Високопреосветениот митрополит Повардарски г. Агатангел, пратеникот на САС професорот и протоѓакон Ратомир Грозданоски како и матичниот професорски колегиум заврши со општ многу добар успех (3,97%), како потврда на заемно вложениот труд. Од вкупно петмина ученици што полагаа матура, четворица редовни и еден вонреден, тројца завршија одлични, еден добар, и еден доволен. По однос на матурските испити, нивниот успех преточен во статистика изгледа вака: писмениот испит го положија сите кандидати со многу добар просек 4,4; Свето Писмо Стар и Нов Завет со многу добар 3,8, Догматика и Литургика со многу добар 4,0; Црковно право, Црковнословенски јазик, Историја на МПЦ со Општа историја и Типик со просек 3,8 т.е. многу добар, и Црковно пеење со многу добар успех 4,4. Сите матуранти исто така со успех го завршија и последниот клас од нивното петгодишно образование постигнувајќи го следниот успех: Димитар Наумоски, одличен 4,53; Спасе Никовски супер одличен 5,00; Михаил Сиљаноски многу добар 4,00 и Христијан Спировски добар 2, 53.