На 6.12.2023 година, традиционално, по 56-ти пат, беше прославен патрониот празник на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“. Празнувањето започна со Архијерејска вечерна богослужба во параклисот при Богословијата, на којашточиноначалствуваше Неговото Преосвештенство, Епископот Стобиски г. Јаков, а на истата молитвено присуство зедоа: Неговото Блаженство, Ахриепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, ректорот на Богословијата – Митрополитот Повардарски г. Агатангел, како и Митрополитите: Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и поранешниот Митрополит Кумановско-осоговски г. Јосиф.
По Вечерната богослужба, во Богословијата, се одржа и свечена академија којашто започна со благословување и прекршување на празничниот колач од страна на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
Свеченоста продолжи со поздравното слово на проф. м-р Стефан Цветановски, а истата беше збогатена и со настап на хорот при Македонската Православна Богословија, раководен од проф. Игор Величковски. Потоа беа наградени најдобрите теми и стихотворби напишани од учениците по повод патрониот празник на училиштето. На самиот крај, пред присутните, се обрати и ректорот на Богословијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој им се заблагодари на присутните, а воедно, и на светиот Климент Охридски за постојаното застапништвото и за молитвите.
Поздравно слово на професорот м-р Стефан Цветановски
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, високопреподобни отци, пречесно свештенство и во Христа ѓаконство, преподобни монаси, почитувани професори и гости, возљубени ученици!
Повторно ни засветли светозарниот спомен на нашиот отец и учител – споменот на светиот Климент Охридски! Иако засветли подоцна, сепак неговата дејствена светлина го озари и го просветли христијанскиот народ, кој пребиваше во мракот на незнаењето.
Светиот Климент Охридски е величествен и плодотворен творец, богоозарен беседник и рамноапостолен просветител. Неговата плодна црковно-просветителска и книжевна дејност, не само што претставува основа на една беспределена традиција, туку ја преобразува секоја нишка на словенската култура. Светиклиментовата богоподобна личност се открива преку неуморниот подвиг да го принесе словенскиот писмен јазик пред олтарот на Бога. Во обемната ткаеница на својот сесловенски опус, тој ги поставува темелите на процутот на македонската писмена култура. На крстосницата на културата, на јазикот и на традицијата, тој постанува непосреден сад преку кој се обликува идентитетот на еден народ, или поточно, преку кој македонскиот идентитет недвосмислено се разграничува.
Светиот Климент Охридски стои како издигната личност чија важност одекнува низ минливите коридори на времето. Неговиот личен духовен принос, историско значење и научен прилог трајно влијаат врз севкупното христијанство. Размислувајќи го животот и учењето на светиот Климент Охридски, ние не наоѓаме само една историска личност која е заробена од историчноста, туку светилник кој безгранично ги надминува средновековните ѕидини на градот Охрид, притоа озарувајќи го срцето и умот на оние коишто гороко се обидуваат да ја премостат границата на духовноста и на интелектуалноста. Па така, не можеме да говориме просто за некаков Климентов придонес врз нашата култура, туку за безусловен дар кој го примивме и кој секоја генерација грижливо го продолжува и култивира.
Во учителската и во просветителската дејност, личностите и собитијата од минатото се оприсутнуваат како живо и непобитно присуство овде пред нас. Во оваа света литургиска рамка, се среќаваме со суштината на светителот, кој ја претворил „грижата за народот во своја наслада“ и „станал сѐ за секого“. Нашиот Господ Исус Христос, најголемиот Учител, е Бог Кој „прашува“. Тоа е Истиот Оној Бог кој дозволува толку голема слобода што може и Него да Го убие. Само во тој личносен и слободен однос, поголемиот или учителот, снисходи кон помалиот – восприемачот, симболично движејќи му ја раката која за првпат го запишува словото со перо. Следствено, слободата останува незаменливиот критериум за учителската дејност, а учителот пак, служи како сопатник во целиот тој подвиг на откривање на Божјата Премудрост. Сообразно на тоа, светиот Климент неуморно „се среќаваше и им ги појаснуваше подлабоките места во писмата“ на своите ученици.
Почитувањето на светиот Климент Охридски како наш сопатник во подвигот на верата продолжува преку наследниците на неговите ученици. Неговиот живот служи како потсетник дека патот до верата не е само лична потрага по духовно исполнување, туку и заеднички напор кој носи просветлување и грижа за другите. Затоа, да ги испитаме поглавјата од нашата историска нарација низ неговиот остроумен поглед. Само преку погледот во лицето на нашиот сопатник ќе ја забележиме неуморната потрага по смислата и по знаењето за животот, притоа препознавајќи ја вродената слобода на другиот.
Оттука, севкупниот живот на свети Климент е отсјај на зборовите на Нашиот Господ Исус Христос: „Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели…“ (Јован, 15,15).
За многу години!