Матурантите при Македонската православна богословија Свети Климент Охридски во периодот од 10 април до 15 април 2018 година, односно во периодот на Светлата седмица, го реализираа поклоничкото и научното патување на дел од светите и историски значајни места во Република Турција и Република Грција. Ова матурско патување претставува и исполнување на дел од Статутот на Богословијата, но и вообичајна практика, матурантите по празникот Воскресение Христово да реализираат едно поклоничко и научно патување кое ќе опфати значајни градови и области, кои се во тесна врска со нашата вера, култура и наука.
Посетата на овие две држави претставува континуитет на вообичајната традиција на оваа просветна институција на своите матуранти да им овозможи делумно и практично запознавање со значајните места од богатата христијанска историја на древниот Исток, со кои тие се запознале теоретски за време на нивното школување во Богословијата. Изборот за посета на овие две земји беше дефиниран уште во месец октомври, 2018 година, на редовната седница на Наставно-научниот совет при Богословијата, а подоцна истата одлука беше поддржана и од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Реализирањето на патувањето се изведуваше според претходно подготвена програма.
Патувањето започна по молебниот во раните утрински часови на третиот ден по Христовото Воскресение, односно на 10 април. По целодневното патување преку Република Грција и европскиот дел на Република Турција, во вечерните часови пристигнавме во Цариград, а потоа следеше сместување во хотел.
Реализирањето на програмата од матурското патување започна на 11 април, во претпладневните часови. Најпрвин беше посетен манастирот посветен на Живоносниот извор – Балаклија или Источен петок, а потоа се упативме кон храмот Влахерна или Покров на Пресвета Богородица, каде богословите можеа да се поклонат на чудотворниот извор и да испеат црковни химни меѓу кои и Возбрано је…, по ова следеше посета на храмот Свети Стефан или таканаречен Железен храм, проектиран и изграден во Виена во 1896 година, а подоцна со бродови пренесен во делови во Цариград и составен на брегот од Златниот рог. Истиот овој храм бил наменет за потребите на Бугарската егзархија во 19 век. Во пладневните часови продолжи разгледувањето на квартот Фанар каде што се наоѓа седиштето на Вселенската патријаршија, кое датира од 1602 година. Најпрвин беше посетен храмот Свети Георгиј, кој воедно претставува и соборен храм на Вселенската патријаршија, а матурантите испеаја воскресни химни и се поклонија пред моштите на големите учители на Православната црква: свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов. Во 12.30 часот остваривме средба со Вселенскиот Патријарх, Неговата Сесветост Вартоломеј I, кој и покрај оптоварената агенда по повод Воскресението Христово, најде слободно време за да нѐ прими и со пригодна беседа да нѐ поздрави, да ни ги честита празниците и да нѐ благослови. За време на приемот нашата делегација беше удостоена да се сретне и да се запознае со еден од најеминетните теолози на дешницата Митрополитот Пергамски Јован Зизиулас. По оваа искрена братска средба Неговата Сесветост заблагодари за драгоцените подароци и возврати со подароци за секој богослов и професор, и притоа нѐ покани на трпеза на љубовта која беше организирана во наша чест, но и благослови нашите ученици да ја посетат Света Гора.
Во попладневните часови беше реализиран панорамски разглед на Цариград во деловите на Златниот рог и Босфор. Посетата на поранешниот манастир Хора или Свети Спас изграден од Марија Дука во 11 век, а во 12 век проширена од Исак Комнен не беше релизрана, затоа што храмот се реставрираше.
Вториот ден од посетата на Цариград, 12 април, беше посветен за разгледување на центарот на древниот Цариград. Во утринските часови најпрвин беше посетен квартот Кумкапи и седиштето на Ерменската патријаршија, каде бевме пречекани од архимандритот Татул Анусхјан, а подоцна и од Архиепископот Арам Атешиан, кој нѐ запозна со историјата и животот на оваа апостолска црква, која уште од 4 век дава голем прдонес за распространување на христијанството на Исток. Во продолжение на денот беа посетени следните знаменитости на Цариград: плоштадот Бајазит, Универзитетот и кулата Бајазит, потоа беше посетена и Капали чаршија и Константиновиот обелиск, резиндецијата на султаните, односно Топ капи, каде што султаните живееле сѐ до 1856 година, кога се селат во новата резиденција Долмабахче. Во пладневните часови беше посетено единственото светско чудо меѓу храмовите во светот, храмот Света Софија, дело на познатиот византиски архитект Антемије од Тралес, човек кој по барање на славниот император Јустинијан I (527 – 565), истата ја гради за 5 години и 10 месеци. Овој храм, по неговото велелепно украсување во мозаици и живописи, на 26 ноември 537 година е осветен и избран за нов соборен храм на Вселенската патријаршија. Во истиот, почнувајќи од Јустинијан I, па сѐ до 3 (петок) јуни 1453 година, кога Мехмед II ја извршува првата молитва и го претвора храмот во џамија; во овој храм биле интронизирани византиските императори и бил одржуван Синодот на Вселенската патријаршија. На 24 октомври 1934 г. со декрет од Кемал Ататурк и со потврда од парламентот, Света Софија е именувана за музеј. Во попладневните часови беше посетен и храмот Света Ирина, кој е изграден на местото од некогашниот храм на божицата Афродита. Во овој храм во 381 година се одржал Вториот вселенски собор, а истиот овој храм, сѐ до изградбата на Света Софија, претставува и соборен храм на Вселенскиот патријарх. По освојувањето на Цариград од страна на Мехмед II храмот е претворен во џамија, а од 1846 година истиот е претворен во музеј. Сината џамија или Султан Ахмет џамија не ја посетивме затоа што се реставрираше. По ова следуваше посета на познатиот кварт на модерен Истанбул – Таксим. Најпрвин беше посетен православниот храм посветен на Пресвета Троица, изграден во 1850 година, а потоа беше разгледана и улицата Таксим и познатата кула Галата, која се издига над брегот на заливот Златен рог. Неа ја подигаат во XIV век офицерите на познатата фрегата од Џенова за контролирање на бродовите кои поминуваат низ Босфор.
Последниот ден од престојот во Цариград, 13 април, беше посетен островот Халки или Хеѕбелиада, еден од деветте острови на Принцовите, кои претставуваат ризница на духовниот живот на средновековна Византија. По пристигнувањето на островот бевме пречекани од Архимандрит Кесариос Хронис, директор на библиотеката. За време на престојот во факултетската зграда архимандрит Кесариос најпрвин нѐ запозна со постанокот и историјата на овој најзначаен просветен и духовен центар на Вселенската патријаршија, кој датира уште од времето на познатиот теолог, Патријарх и светител Фотиј I (837 – 886), кој уште во негово време го основал денешниот манастир посветен на Пресвета Троица. Денешниот манастирски комплекс, во чиј состав се наоѓа храмот, гимназијата и поранешниот Теолошки факултет, е реализација на идејата на Вселенскиот Патријарх Герман IV, кој со подршка на Светиот архиерејски синод, одлучува да изгради еден современ комплекс каде што ќе можат да се едуцираат идните клирици за потребата на Вселенската патријаршија и за останатите помесни Цркви. Првиот објект е изграден во 1844 година, но истиот во 1894 година е оштетен од земјотрес и по две години, односно во 1896 година е обновен и е направен во форма на буквата П, кој останува во функција како Теолошки факултет сѐ до 1971 година кога со декрет од Турската влада се затвара, а гимназијата продолжува да работи сѐ до 1984 година. По краткото излагање за историјата на факултетот, беше посетен и манастирскиот храм за кој ни беше произнесена кратка историја, а богословите испеаја неколку црковни химни. По разгледот на манастирскиот комплекс бевме поканети на ручек на кој беа присутни и дел од браќата од манастирското братство.
Во вечерните часови од денот бевме поканети од Неговата сесветост Патријархот Вартоломеј да присуствуваме на концерт во чест на познатиот иконограф од XIV век Теофанос Елинас, основоположник на живописот во Русија. По ова следеше враќање во хотел и подготовка за утрешното заминување за Република Грција.
Четвртиот ден, 14 април, матурското патување во раните утрински часови продолжи од Цариград кон Република Грција, односно кон античкиот град Филипи, каде беше посетен археолошкиот локалитет на древниот Филипи, град каде светиот апостол Павле на своето второ мисионерско патување проповедал. Исто така, беше посетено и местото Лидија и новата крстилница каде што апостол Павле ја покрстил света Лидија, а по оваа посета патувањето продолжи кон приморскиод град Неа Врасна, каде што се ноќеваше.
Последниот ден, 15 април, беше посветен за разгледување на градот Солун. Најпрвин беше посетен манастирот Влатадон – Преображение Христово, изграден во XIV век, од страна на монасите Доротеј и Марко Власиј. Според преданието ова било местото каде што апостол Павле за време на неговото второ мисионерско патување, по напуштањето на Филипи, за првпат го посетил градот Солун и оттука ја започнал проповедта помеѓу Солуњаните. Покрај самиот храм се наоѓа мала капела, која е посветена на апостол Павле. Потоа беше посетен и храмот посветен на свети Георгиј – Ротонда, Свети Пантелејмон, како и симболот на градот Солун, храмот во кој почиваат моштите на свети Димитриј – храм кој низ вековите многупати бил граден, доградуван и украсуван од многу генерации во периодот од IV до XX век. Во храмот се поклонивме пред моштите на светителот, а потоа и пред моштите на света Анисија. Во продолжение од денот беше посетен и вториот храм по значење во градот, храмот Света Софија, кој најпрвин бил подигнат веднаш по Првиот вселенски собор во 325 година, а подоцна во времето на императорот Лав III, VIII век, е подигнат денешниот со велелепната купола во мозаик со Христос Пантократор, а во истиот храм богословите се поклонија пред моштите на свети Василиј Солунски, архиепископ од Х век. На крајот од денот беше посетен и храмот посветен на свети Григориј Палама, каде што можевме да се поклониме пред неговите мошти. По оваа посета беше дадено слободно време за индивидуално разгледување на градот.
За време на ова матурско патување матурантите беа одлични соработници и придонесоа во потполност да се исполни програмата која беше предвидена да се реализира во период од шест дена.
Во Скопје, проф. м-р Момчило Павловиќ
19.04.2018 г