На 06.12.2016 г., по 49-ти пат, МПБ го прослави својот патрон празник Св. Климент Охридски.
Прославата започна со вечерна богослужба во црквата „Вознесение Христово (Св. Спас)“ – Драчево, на која присуствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. На службата беа присутни и Нивните Високопресовештенства: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, ректорот на МПБ Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, заедно со бројното свештенство.
По Вечерната, во параклисот при МПБ посветен на св. Климент Охридски, се одржа свечена академија која започна со прекршување на празничната погача од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Свеченоста продолжи со поздравното слово од страна на проф. Илија Петров, истата беше збогатена со настап на хорот при МПБ, а беа наградени и темите и песните напишани од учениците по повод патронатот. На крајот пред присутните се обрати и ректорот Митрополит Повардарски г. Агатангел, при што му се заблагодари на св. Климент Охридски за застапништвото и молитвите, како и на присутните гости кои беа поканети на вечера во трпезаријата при МПБ со што и заврши прославата.
Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваше Преосвештенство, високопреподобни отци, пречесно свештенство и во Христа ѓаконство, преподобни монаси, почитувани професори, гости и ученици!
„Му се даде секому според силата негова“ – се вели во Параболата за талантите. Некому му се дадоа два таланта, некому еден, некому пет. Но сепак, сите добија по нешто. Всушност, не постои таков, кој е лишен од Божјите таланти, а со тоа, и од Божјата љубов. Главното прашање не е зошто некој добил повеќе, а некој помалку. Главното прашање е колку ние сме успеале да ги умножиме нашите таланти, макар да сме добиле и само еден.
Размислувајќи на ова прашање, истовремено пред себе ја имам сликата од едно младо момче, кое, низ текот на годините, со свои очи ги сведочело сите големи дела на својот учител. Тоа момче, поучувано преку примерите на своите учители, преку примерите од Светото Писмо, секојдневно растело во духот, постанувајќи подобно на Христа. Неговите таланти, без разлика на нивниот број, не биле во ништо посупериорни од оние на останатите, но, тие биле умножени, па дури и преумножени.
Одрекувајќи се од сè, земајќи го крстот свој, тргнал по патот Христов, со цел, да постане совршен како што е нашиот Отец небесен (Мт. 16, 24; Мт. 5,48). Предавајќи го сиот свој живот на Христа, оставајќи зад себе безбројни и значајни дела, водејќи неизбројни толпи народ кон Рајската населба, се вброил помеѓу мноштвото светии Христови, чиј спомен, ете, се празнува и по 1100 години.
Имајќи го Духот Свети – Утешителот, како што некогаш го имале и самите апостоли, св. Климент заедно со своите учители, словенските рамноапостоли, светите браќа Кирил и Методиј, како и со останатите нивни ученици, ја започнале својата просветителска и мисионерска дејност, преку која им се открила тајната Христова на сите словенски народи.
Православното христијанство е религија на активни добри дела. Самиот Христос вршел неизбројни добри дела. Во ликот на нашиот свет отец Климент ја гледаме подобноста Христова. Тој е проповедник, просветител, чудотворец, учител и архиереј. Како непресушлив и неисцрплив бунар, светиот Климент постојано бил во служба на светата Црква и народот словенски.
Претворајќи го Охрид во духовен центар, каде што го основа и првиот словенски универзитет, светиот Климент како добар пастир, постанувајќи за сите сè, ја полага душата своја за своето паство, односно за својот народ, деноноќно работејќи на нивно духовно и образовно усовршување.
Записите велат дека светиот Климент Охридски при својот духовен и книжевен центар образувал 3 500 ученици, кои подоцна поделени на групи од по 300 ученици биле испраќани ширум епархијата да работат на нејзин духовен и книжевен прогрес.
Се прашувам дали би погрешил доколку речам дека бројот на Светиклиментовите ученици е неизбројлив, имајќи го предвид фактот дека Светиклиментовиот духовен и книжевен центар е сè уште активен во лицето на нашата Македонска православна богословија и нашиот Православен богословски факултет, во чии клупи, секојдневно се изучува Словото Божјо, кое до нас стигнало преку мноштвото пишани, на мајчин јазик, дела од светата Десница на нашиот Патрон и застапник пред Бога? Од истите тие клупи и ден-денешен произлегуваат великани, архиереи, мноштво свештенство и свештеномонаштво, образовани професори и црковни служители, кои со сето срце свое и сета душа своја, целосно и се ставаат на служба на нашата света Македонска православна црква од секој можен аспект.
Светиклиментовата светлина засветли пред луѓето и неговите дела се видени и прославувани, не само помеѓу Балканските православни народи, но и ширум православниот свет. Така и ние, по примерот на „вториот Павле“, нашиот возљубен патрон, учител, архиереј и застапник пред Бога, свети Климент Охридски, да продолжиме да ги умножуваме нашите таланти, со зборови да го упатуваме нашиот македонски народ кон Божјата вера, со делата да се издигнуваме кон Божествен и блажен живот.
Свети отче Клименте , моли го Бога за нас! Амин!
Професор Илија Петров
Свети Климент
Зборови реки за славниот Климент,
зашто нѐ собра само за миг.
Голем пред Господ светител стои
и за нас солзи молитвени брои.
Чудотворец голем со ангелски глас,
Го моли Бога само за нас.
Светиот дошол на овие страни,
делото на солунските браќа да го распространи.
На восочна свеќа, при светлина мала,
на нашиот богомудреник писменоста му се дала.
Бесплатно добил, бесплатно давал,
на страшни маки себеси се ставал.
Затвори темни и окови тешки,
поднесувал храбро за Царот Небески.
Патрон на слободата, патрон на иднината,
умре славно за светлиот пат на поколенијата!