На 06.12.2021 г., свечено беше одбележан патронот на нашата Богословија – свети Климент Охридскиот Чудотворец. Празнувањето започна со Архијерејска вечерна богослужба во училишниот параклис посветен на светиот Климент Охридски, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во присуство на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Ахриепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, ректорот на Богословијата Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен и Епископот Полјански г. Јаков.
По Вечерната богослужба, се одржа свечена академија која започна со благословување и прекршување на празничниот колач од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, кој воедно со Митрополитот Брегалнички г. Иларион беа овогодишни кумови при свеченото чествување на патрониот празник.
Свеченоста продолжи со поздравното слово од страна на проф. ѓакон Илија Петров, а истата беше збогатена со настап на хорот при МПБ раководен од проф. Игор Величковски.
Како и секоја година и оваа година учениците имаа можност да ги прикажат своите творечки квалитети преку пишувањето на теми и стихотворби. Па така, за најдобри теми беа избрани и наградени следните:
-Првонаградена тема по предметот Историја на МПЦ, со наслов „ МПЦ – ОА стожер на самобитноста на македонскиот народ низ историјата“ на ученикот Бранко Николов.
-Второнаградена тема по предметот Догматика, со наслов „ Света Троица во Стариот завет“ на ученикот Петар Димковски, и
-Третонаградена тема по предметот Свето Писмо – Стар завет, со наслов „Христос и псалмите“ на ученикот Петар Димковски.
(Најдобрите стихотворби се објавени на самиот крај од објавата)
На крајот пред присутните се обрати и ректорот Митрополит Повардарски г. Агатангел, при што му се заблагодари на св. Климент Охридски за застапништвото и молитвите, како и на присутните гости кои беа поканети на вечера во трпезаријата при МПБ со што и заврши прославата.
Во продолжение следуваат поздравното слово на професорот Илија Петров, како и наградените овогодинешни стихотворби.
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, високопреподобни отци, пречесно свештенство и во Христа ѓаконство, преподобни монаси, почитувани професори и гости, возљубени ученици!
Размислувајќи за ликот и делото на нашиот, пред Бога, застапник, свети Климент Охридски, не можев, а да не се обратам кон неговите душеполезни и мудри слова, по кои секој човек посегнува, тежнеејќи од нив, како од воден извор, да ја изгаси својата жед, или барем за миг да се наслади впивајќи ги.
Воден од мислата дека сме тука, собрани во негови чест и спомен, торжествено прославувајќи го неговото величие, најнапред би се осврнал кон неговото поучно Слово за гостопримството.
Имено, во своето обраќање, тој, нѐ повикува да бидеме ревносни за добри дела, односно да не отфрламе новодојден странец, туку да го примаме во нашиот дом, спомнувајќи си за Господа Исуса Христа, Кој заради нас беше странец. На таквиот да не се срамиме да му ги измиеме нозете, оти можеби тоа е ангел којшто нѐ искушува, та да не би на тој начин ја изгубиле наградата на праведните.
Со таа цел, во продолжение, светиот, ни ги посочува примерите за гостопримство на Авраама, Лота и Товија. Авраамовата награда за своето гостопримство на тројцата патника било неговото именување „пријател Божји“, односно „татко на многу народи.“
Лот, угостувајќи двајца странци се избави од сулфурниот дожд и оган од небото кои го сотреа Содома и безбожниците во него.
Товиј, пак, кој беше слеп, исто така, примајќи ангел во својот дом прогледа.
Кој прима пророк во име пророчко, ќе прими и награда пророчка; кој прима праведник во име праведничко, ќе прими награда праведничка (Мт. 10, 41).
Светиот Климент своето слово го завршува велејќи: Затоа, браќа, примајте странец и направете го учесник на вашата трпеза, та и вие да го слушнете гласот, кој говори: „Бидејќи ова го направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене ми го направивте, и Јас ќе ви дадам живот веч ен“.
А, ние пак, примајќи ве вас, возљубени во Христа, ја исполнуваме најголемата Божја заповед – Возљуби го својот ближен како себеси.
Па така, впивајќи ги и следејќи ги поуките Светиклиментови, срдечно ве поздравувам, посакувајќи ви топло добредојде на овој голем ден за нашево Светиклиментово училиште, кога го чествуваме и одбележуваме патрониот празник на светиот Климент Охридски.
Гостопримството е одраз на љубовта, а, љубовта, пак, е личносна, кон секое човечко суштество што по Божја волја ќе го сретнеме на нашиот животен пат.
Светиот Климент утврдувајќи се во љубовта Христова, која се исполнува преку најсветото Предание, кое се состои во целосниот циклус од Христа за Христа, како добриот Пастир си ја положил душата своја, стремејќи од својот род македонски, да создаде род избран, царско свештенство, свет народ (1 Петр. 2, 9).
Ревнувајќи во духот на светиот апостол Павле, со право Блажениот Теофилакт Охридски, свети Климента го нарекува „Новиот Павле помеѓу новите Коринтјани.“
Хранејќи го својот род како добрата мајка својата рожба, не со тврда храна, туку со словесното млеко од Евангелието се удостоил по своите дела со одлика на вистински Првосвештеник: свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата (Евр. 7, 26).
И навистина, по делата се издигнал повисоко и од град што се наоѓа на врв планина. Тој, како прв словенски епископ се заложил за поставување на темелите на првиот словенски универзитет, кој по дадените плодови, слободно можеме да кажеме дека ги надминува сите реномирани современи универзитети, бидејќи ретко кој наставник преку својот личен опит ја спознал Науката над науките и ја пренел, неуморно, просветлувајќи и образувајќи ги своите ученици, како што го сторил тоа свети Климент, за што сведочи и бројката на над 3.500 ученици.
Но, бројката на Светиклиментовите ученици не застанува овде, бидејќи, еве, посведочуваме дека преданието и споменот за нашиот Закрилник и неговите дела е сѐ уште жив во лицето на нашите духовни образовни институции, чии преемници сме и ние.
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан мудро слови и забележува: Каква ќе ни биде Богословијата, таква ќе ни е теологијата, таква ќе ни е и Црквата. Преку љубовта и посветената грижа кон ова Училиште ја покажуваме и нашата љубов кон севкупниот живот на нашата Света Црква и кон нашиот закрилник – Свети Климент Охридски.“
За многу години!
Третонаградена стихотворба на ученикот Јован Божиновски:
Дедо Доситеј
О великану основачу на нашата Света Црква,
ти си го продолжил делото на
светите браќа Кирил и Методиј,
Климен и Наум Охридските Чудотворци.
Од Бога ти дарувана мисија света,
ти си бил во Македонија да ја уништиш
демонската сила клета.
Автокефалија ти нам ни даде и
света Архиепископија ти зададе,
и како основач на Архиепископијата
ти се кладе.
Охридската Архиепископија торжествува
и се радува за твоето големо дело
кое што си го извршил цело.
Второнаградена стихотворба на ученикот Бранко Николов:
Трагање
Секој здив ми е нова потрага
нов чекор до неискажаното,
пред толку лаги една вистина
огледана во лицето на
страдањето.
Погледнувам во сенката на празниот свет
што се губи во нејасна
далечина, мирисот на болката
ми ја открива тајната
длабоко во срцето вкоренета.
Вековите ја сведочат слабоста на оние
што станаа богови на земјата,
пепелта нивна ветрот ја одвеа
во гробната бездна сами
што ја ископаа.
Со нем глас проплакува вселената
над слепите поробувачи
на слободата, ги моли мајката
со утроба крвава. Повторно
да не и ја убиваат рожбата.
Го прашувам срцето свиено
зад градиите толку ли е тешко да се види
невидливото,
да се умре за ново раѓање, да се продолжи
со ова трагање.
Првонаградена стихотворба на ученикот Димитар Наумоски:
Старецот од Ракотинци
Светото Писмо беше редовно четиво за тебе
И се всели љубовта Христова во срцето твое
Смиреноста, Кротоста, послушанието и
Љубовта кон монаштвото
Пантелејмон лекарот, од Нерези ги препозна.
Си го изучувал занаетот на часовничарите
Часовникот твој го усоврши –
Секоја секунда, минута, час, свет подвижнику,
Ги посвети на Спасителот Христос.
Неразумната гордост, омраза на турците Агарјани
Придонесе да ја благословиш Скопска црна Гора,
Повикот на празникот на првоврховните свети Апостоли
Придонесе да го оживееш монаштвото, преподобен.
Како вистински татко, Свети Јоаникиј,
Подеднакво се грижеше за духовна и материјална обнова
Како вистински кормирал, чудотворе Ракотински
си застапник за сите нас пред Бога.
Нашата благодарност е длабоко спакована во нашите срца
Тоа е љубовта, молитвата, послушноста,
На која нѐ научи, тате наш!