Свечена прослава по повод матурирање на 53-та генерација богослови

12.06.2021 Во Македонската православна богословија (МПБ) Св.Климент Охридски – Драчево, во присуство на Неговото Блаженство архиепископот Охридски и македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, ректорот на МПБ митрополитот Повардарски г. Агатангел, пратеникот на САС на МПЦ-ОА митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, митрополитот Брегалнички г. Иларион, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, деканот на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ проф-др Ѓоко Ѓоргевски, сиот професорски колегуим при Богословијата, како и и јереи од различни епархии при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, се поделија сведителствата и дипломите на  53 генерација успешно завршени матуранти-богослови. На самиот почеток од свечената прослава, класниот раководител , професорот ѓакон Илија Петров произнесе пригодно слово, со кое им посака понатамошен успех на дипломираните богослови. По повод успешното завршена матура на учениците свое излагање имаше пратеникот на САС на МПЦ-ОА митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Ученикот Димитар Петрески, кој воедно беше прогласен за ученик на генерацијата, исто така произнесе благодарствено слово.

 

Поздравно слово на класниот раководител, професорот ѓакон Илија Петров

 

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, чесни отци, професори, ученици и ценети гости.

Ако си богослов, ќе се молиш вистински, а ако се молиш вистински тогаш си богослов – вели ава Евагриј Понтијски.

Поимот богословие, односно богослов, е јасно дефиниран од светите Отци на Црквата. Според нив, богослови се оние личности, кои, преку постојаниот духовен и телесен подвиг, се исцелуваат, просветлуваат и  обожуваат, преку  исполнувањето со Духот Божји, а со самото тоа, тие Го спознаваат, односно гледаат Бога, во сета Своја слава. Да се богослови, без личен духовен опит, е опасно, како за себе, така и за оние околу нас, бидејќи таквата наука, според јазикот на светите Отци, е наука на демоните.

Оттука, имајќи ја на ум таквата несакана можност, светата Православна Црква, потпирајќи се на своите, од Христа доверени предание и спасителен метод, предвидела соединување на верата со добри дела. Нашата Македонска православна богословија водејќи се по истите, покрај академското изучување на богословието, со цел изградување на вистински и силни духовни кадри на богослови, предвидела и духовен подвиг во молитвата, воздржанието и послушанието, како дел од својата образовна програма.

Навистина, петгодишниот специфичен начин на живеење, на моменти, може да претставува тежок крст за носење, на градите на една млада личност. Но, кога се трудиме да чекориме по Христовиот пат, треба трезвено и подготвено да очекуваме најразлични искушенија и соблазни, како и нивно надминување.

Преподобниот Никон Оптински вели дека местото не спасува, бидејќи од себе не можеме да побегнеме.

Размислувајќи на таа мисла, да си го поставиме прашањето, што е Црквата без Христа, телото Христово? Гората Таворска без Преображенскиот настан е само гора. Така и нашата Богословија, без богоугодното антифоно пеење во нашиот параклис, за време богослужбите, без предавањата, на кои се изучува словото Божјо, како и без џагорот на младите богослови, за време на најразличните душеполезни, или пак, спортски настани, е само обично здание.

Та затоа љубовта Христова ни се дава како најголема заповед, преку која, се возљубуваме еден со друг, поднесувајќи ги тешкотиите еден на друг (Гал. 6, 2)

Од послушанието се раѓа молитвата, а од молитвата – теологијата, вели старецот Ефрем Катунакиски. На тоа нѐ учат и нашите архиереи, преку нивниот личен духовен опит, поучени од зборовите на светиот Јован Лествичник:

Што е вистинско послушание сме сфатиле дури ако во отсуство на духовникот, замислувајќи го неговиот лик, мислиме дека тој е пред нас и одбегнуваме секаков разговор, или збор, или јадење, или сон, или што и да е друго коешто според нашето мислење би можело да му биде непријатно. Невистинските ученици се радуваат на отсуството на учителот, а вистинските го сметаат за загуба.

Во тој дух нѐ поучува и нашиот свет отец Гаврил Велички, кој вели: Молитвата е прва и најважна работа… почиста, побезгрешна и посвета работа од молитвата нема.

Ја просиме, како и досега, архипастирската грижа, љубов, молитвено застапништво и сѐсрдна пожртвуваност на Неговото Блаженство, Архиепископот г.г. Стефан, на нашиот возљубен Ректор, митрополитот Агатангел, како и сите надлежни архиереи на МПЦ, истовремено не заборавајќи ги и од нив, благословенопоставените професори, нивните сотрудници на нивата Господова.

Сега кога се наоѓате на прагот кон нови предизвици, не заборавајте и понатаму да работите не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен (Јов. 6, 27).

Затоа, нема да бидам скромен, кога ќе ви посакам понатамошно надградување и исполнување на својот духовен потенцијал, па така исполнети со даровите на Светиот Дух, по примерот на нашиот заштитник и застапник пред Христа, светиот Климент Охридски, да се утврдите како вистински духовни водачи и просветители на нашиот македонски православен народ, а со тоа, и да се најдете во прегратките Христови, заедно со своите идни паства, во животот вечен. Амин!

 

 

Благодарствено слово произнесено од ученикот Димитар Петрески

 

Ваше Блаженство,

Ваши Високопреосвештенства, чесни отци и почитувани професори, во името на целиот клас Ве поздравувам!

 

Стоејќи на крајот од ова наше времено школување во Македонската Православна Богословија, би сакал да кажам неколку реченици во однос на нашето петгодишно школување, другарување и духовно изградување. Пред точно пет години, нам како млади фиданки, ни се зададе голем избор за продолжеток на нашето образование. Слушајќи го нашиот внатрешен глас, ние одбравме да станеме дел од Христовата војска, од Христовата наука. Одбравме да Му служиме Нему, како Вистински Творец и наш Закрилник. Доаѓајќи  тука, ние се соочивме со многу искушенија, но не се поколебавме во нашиот избор и не го променивме своето мислење. Ова не е крај, ова е само еден нов почеток бидејќи сѐ уште сме жедни за изучување на Словото Божјо, за напредок во верата и следејќи ги стапките на Господ Исус Христос, да се усовршуваме во верата. Најнапред во името на целиот клас сакам да се заблагодарам на нашите архиереи, пастири, кои, пред сѐ ни овозможија да се запишеме тука, а дај Боже нивниот благослов да остане врз нас до крајот на нашите животи. Благодарение на нивната љубов и пожртвуваност, ние ја добивме најголемата благодат, да останеме во блискост со Христа.

Доаѓајќи во оваа институција, жедни за ново, ние ја најдовме љубовта на видлив начин. Секој почеток си има своја тежина. Секој ученик се потруди да се вклопи во новата средина. Секој се потруди да зачекори во нова етапа во својот живот, но пред сѐ таа етапа ни беше заедничка, нешто што сите нас нѐ исполнува – Христијанстовото и верата во Господ Исус Христос. Љубовта и грижата која што ни ја даруваа нашите професори постојано не исполнуваше, благодарение на нашиот многупочитуван Ректор, преку чија палка сите се усовршувавме во љубовта којашто не престанува. Голема чест ни беше да бидеме дел од ова големо семејство, да се учи во ова училиште и преку знаењето на нашите пастири секој ученик да биде новата сол во светот.

Кога веќе сме на прагот од ова наше школување, се присетуваме на сѐ одново. Да се присетиме на првиот ден кога стигнавме, драги браќа. Сите бевме збунети, не знаевме ни што да правиме, ни како да постапуваме. Првите денови ни поминуваа во внатрешен  немир и меѓусебно запознавање. Кажувајќи си ги секој своите животни патеки, не бевме свесни дека во наредните пет години и ние заедно ќе изодиме една иста заедничка патека. Не бевме свесни дека ќе бидиме постојано заедно, дека еден со друг ќе се надополнуваме и дека еден од друг ќе учиме. Целото училиште беше исполнето со деца, кои се спремни за дружба и сите со нетрпение го очекувавме новото утре.

Во наредните денови ги запознавме нашите почитувани професори, а во блиска иднина и нашиот Високопреосветен Ректор, Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Во истиот ден тој првпат влезе во нашата училница, нѐ поздрави со топла насмевка и ни го посака најдоброто во престојниот петгодишен престој во ова семејство, во кое ние бевме најмлади членови. Тој остана достоинствен пастир и глава на ова семејство. Секогаш проблемите ги решаваше на Христијански начин и од сѐ го извлекуваше најдоброто и најполезното за сите нас. Тој е вистинска слика во ликот и во делото на св.Климент Охридски.

Што се однесува пак до нашите професори, тие беа и останаа вистински патеводители во верата и исполнетели на Словото Божјо. Вистински Христови војници! Ние од нив ги научивме најважните информации во однос на верата, но и секојдневниот живот. Кога и што и да ни притребаше, тие постојано беа овде за нас, сметајќи нѐ нам за свои чеда. Тие ни беа слика за духовно растење во нашите животи. Христос е глава Црквата, а Црквата ја утврдуваат Светите Апостоли. Професорите беа нашите апостоли, кои го посеаја Словото Божјо во нашите срца. ,,Твоето учење ќе го отплатиш со учењето на друг” – вели светиот Гаврил Епископот Велички. Нашите професори буквално ги исполнија овие зборови и го отплатија нивниот долг кон нивните професори. И ние одејќи по нивните стапки, да го пренесуваме нашето знаење насекаде, да го расееме нивното слово насекаде, па и ние, на достоинствен начин да го отплатиме нашиот долг кон нив. Ни беше чест и задоволство да имаме професори, коишто ни беа и родители, прекрасни воспитувачи и браќа.

Во текот на изминативе години ова училиште ни стана втор дом. Колку и да сакавме да си заминеме од овде, сепак, на крајот не ни се разделува после сѐ што сме поминале заедно. Со тажно срце го напуштаме ова духовно живеалиште, но радост ни претставува тоа, што отвораме врата за наредните генерации, за и тие да сфатат колкава радост претставува школувањето тука, школувањето во Светиклиментовиот дух.

Целта на Богословското живеење е пребивање во Божјата љубов. Божјата љубов и благодат нѐ чуваа и заштитуваа изминативе пет години од секакви искушенија. Тука пребродувајќи ги сите искушенија, премногу ја чувствувавме Божјата љубов. Нашата љубов се трудевме да ја покажеме во нашите дела, во кои е нашето сведоштво и одговорот на прашањето, за што всушност сме повикани. Преку нив ние се трудевме да им оставиме слика на помладите генерации, водејќи се по примерот на светиот апостол Павле: ,, Угледајте се на мене, како и јас на Христа” (1Кор 11). Ние Христос го видовме во нашиот почитуван Ректор, во нашите духовни раководители и сите кои во нас вложуваа. Наоѓајќи се на самиот крај,  како апостолот кажуваме: ,, Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив, понатаму ме очекува венецот на правдата” (2Тим. 4, 7).

Живеејќи со нашите браќа толку долг период, ни се овозможи да се запознаеме во целост. Навистина нема такво другарство како Богословското! Овде бевме сведоци на најголемата слога и пожртвуваност во нашиот досегашен живот. Овој духовен дом нѐ научи да ги чувствуваме како браќа и оние кои не ни се браќа по плот, туку по дух. Ова училиште беше голем фактор за изградување на нашиот карактер. Влеговме како деца, како фиданки, а излегуваме како мажи, оставајќи го детинското. Ова училиште ни создаде здрави навики и ни го ободри духот. Нашите професори нѐ научија како да се бориме со молитва против демонот, а воедно и да останеме цврсти во верата. Нашата борба продолжува, но во други услови… во светот. Ова училиште нѐ научи дека секогаш треба со молитва да се обраќаме кон Бога и да се приближиме кон Него, за и Тој да се приближи кон нас, како што учи светиот апостол Јаков. Преку молитвата да оставиме на Бога да ни го покаже патот кој треба да го избереме. Да ја покориме нашата човечка волја на Божјата и да станеме избрани садови за извршување на Неговото спасоносно дело тука на земјата. Затоа ова не завршува тука, туку преку Божјата благодат која нѐ поткрепува, нашиот пат за изучување продолжува, а воедно и нашата цел на овоземниот живот, да го достигнеме Царството Небесно.

Уште еднаш, ви заблагодаруваме за сѐ, и се надеваме дека оваа 53-та генерација, колку толку ќе остане запаметена во вашите срца. Браќа, дојде крајот!

 

Подготвиле:

Димитар Петрески Филип Дујовски