На патрониот празник на МПБ, денот посветен на св. Климент Охридски, 2017-то лето Господово, по повод 50-годишнината од отворањето на Богословијата, но и 50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ излегоа од печат 2 јубилејни изданија: Монографијата „Педесет години Македонска православна богословија Свети Климент Охридски (1967 – 2017)“ и возобновеното богословско списание „Млад богослов“.
+ + +
Монографијата за педесетгодишниот јубилеј од формирањето на Македонската православна богословија содржи повеќе поглавја, од кои првите 5 се за петте десетлетија од постоењето на Богословијата, шестото поглавје е составено од говори за Богословијата, седмото со творби на младите ученици-богослови, и осмото поглавје го сочинуваат биографските податоци на досегашните ректори и професори, меѓу кои има и дел од архијереите на нашата Македонска православна црква.
Монографијата започнува со Слово за првиот архиепископ на возобновената МПЦ, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј, како и неговото обраќање до гостите и учениците во Богословијата при свеченото отворање. Потоа следи обраќање од професорот и ректор Борис Бошковски. Во првиот дел следат списоци од првите примени ученици и формирањето на класовите, извештаи за завршената година, лични раскажувања од неколку свештеници, кои биле префрлени од српската во првата македонска Богословија. Потоа за секоја година од првата деценија следат поздравни говори, списоци за примени ученици, и извештаи за завршената година, списоци со професори и вработени лица во Богословијата и интернатот, и разни вести од Богословијата. Објавени се и списоци со ученици кои изразиле желба да студираат надвор од Македонија.
Во вториот дел се опишани настани и вести од втората деценија од животот на Богословијата. Започнува со опис на прославата на јубилејот – десет години постоење на Богословијата, поздравни говори и повторно списоци за примени и завршени богослови. Евидентно е зголемувањето на бројот на ученици, професори и предмети.
Третиот дел започнува со прославата на триесетгодишното постоење на Богословијата, па потоа повторно списоци за примени ученици и извештаи за завршените богослови.
Четвртиот дел опфаќа многу новини, пензионирање на некои професори, промена во наставниот кадар, доаѓање на нови професори, реновирање и доградување на Богословијата, привремено преселување во хотел „Изгрев“ во Струга, и повторно враќање во веќе реновираната и доградена училишна зграда со интернатски простор. Потоа следуваат списоци на примени ученици и извештаи за завршените богослови.
Во петтиот дел се наоѓа известување за осветувањето на параклисот во зградата на Богословијата, а потоа следат списоци со примени ученици и извештаи за завршените богослови.
Во шестиот дел се опфатени повеќе спомени за Богословијата од поранешни ученици, а сега веќе професори, свештеници. Сите опишуваат различни аспекти од престојот и школувањето во ова училиште.
Во седмиот дел се опфатени авторски дела на учениците од Богословијата, разни песни, или богословски теми, напишани по повод патрониот празник или некој натпревар.
Во осмиот дел се поместени биографиите на архијереите на Македонската православна црква, на досегашните ректори и на сите досегашни професори.
Со ова завршува Монографијата за Македонската православна богословија, која е составен и неодделив дел од историјата, животот и иднината на Македонската православна црква. Без познавање на историјата на Богословијата, не можеме да ја разбереме ниту историјата на нашата МПЦ. А без историјата на МПЦ, останува празна и историјата на Македонија. Поради овие причини сметаме дека ова дело е значајно за сите кои се интересираат за историјата на нашата Црква, за слава на Бога – Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Митрополит Повардарски
+Агатангел
+ + +
Возљубени читатели, драги браќа и сестри, оваа година македонскиот народ чествува два јубилеја: првиот е педесетгодишнината од возобновувањето на древната Светиклиментова Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, а вториот е 50-годишнината од основањето на духовниот расадник – Македонската православна богословија, директната преемничка на славната Охридска книжевна школа.
Денес, предводени од Божјата промисла, а воедно, и по молитвите на богопрославениот Владика Климент, во овие простории, по речиси три децении, повторно се возобновува книжевното катче. Учениците, во соработка со професорскиот колегиум и под духовното раководство на нашиот ректор, Повардарскиот Митрополит г. Агатангел, презедоа иницијатива за создавање на нови книжевни трудови. Станува збор за списанието „Млад богослов“. Ова списание за првпат во печат излегло на 16 февруари 1981 година. Луѓето коишто работеле на неговата изработка биле тогашните ученици. Но, по петгодишно издавање, во 1985 година, за последен пат била активирана дактилографската машина за пишување.
Уште многу одамна книжевни дела биле подготвувани и пишувани на овие простори. Тоа го правеле светите браќа Кирил и Методиј, истото продолжило преку нивните ученици, светите Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, како и многумина чии имиња останале запишани само во книгата на животот.
По примерот на овие свети мажи, свежо е сеќавањето за Владиците Доситеј, Климент, Наум, Кирил и Методиј. Слично на борбеноста на свети Климент и овие храбри архијереи безуморно се бореле, оставајќи се себеси без сон, за денешната Мајка Црква.
Исполнети со восхит што пред себе ги имаме рамноапостолните браќа и нивните ученици, како и славните свештенослужители од средината на XX век, се решивме да дадеме мал придонес кон величање на нивното дело.
По нивните молитви, денес, пред вас, го гледате возобновеното издание на „Млад богослов“ во јубилејното 2017-то лето Господово.
Кристијан Мишевски