Поука за спасение на душата

Во овој краток живот, браќа, треба да се погрижиме за своето спасение. Да имаме страв од нашиот Господ, надевајќи се дека ќе ги примиме оние неискажливи благослови и небесниот живот со ангелите и со Бога, онаа неискажлива слава и онаа светла одаја, во којашто престојува црковниот Младоженец, заедно со Својот Отец и со Светиот Дух.

Ние слушнавме како благовестат евангелистите за овие нешта. Додека сме живи, да ги прифаќаме и да ги исполнуваме. А како говори апостол Павле? Често да одиме во црква. Да плачеме и да се каеме за поранешните гревови, и да се молиме повторно да не паднеме во нив. Не знам кога ќе налета безбројно мноштво пламени ангели, за да ги грабнат нашите души, кои не направиле некакво добро. Да бидеме Божји угодници, љубезни кон луѓето, да оставиме добар спомен на земјата; да пристапиме добро кон небесата. Да бидеме вистински христијани, а не само по име. Целото свое тело да Му го предадеме на Бога, откако ќе го одземеме од ѓаволот. Пред сѐ, со својата глава да ја допираме земјата пред Него, а не да им се закануваме на нашите браќа со неа. Со своите очи да лееме солзи пред Него, а не со нечисти очи да гледаме на успехот на другите. Своите раце набожно да ги подигаме кон Него и да ги простираме за да даваме добар дар; не „да даваме овци, а да одземаме волови“; не „десеткратно да одземаме, а едно од две да даваме“. А и стомакот да си го воздржуваме од многу храни. Со своето срце да воздивнуваме; со душата своја да трогнуваме. Колената често да ги приклонуваме на молитва. Со нозете да трчаме кон Црквата, како Петар и Јован кон гробот Господов, и заедно со нив да станеме учесници во Царството небесно, во оној светол ден, кога ќе дојде праведниот Судија на облаци, носен од огнени ангели, украсувајќи ги Своите светии со светли венци, а горејќи ги грешниците со огнен пламен. Тогаш Тој ќе ги раскине длабочините на срцата, преку проникнување на Својата мудрост, и ќе оддели мајки од ќерки, синови од татковци, браќа од браќа, сопрузи од сопруги и, општо, ќе ги оддели незнабошците како кози од овци. Тогаш ќе се расплаче од тага секоја душа која го пропуштила времето за покајние. Праведниот Судија ќе каже: „Вие, коишто ве трпев многу, одете од Мене, проклети, во вечен оган!“ И пак ќе рече: „Дојдете вие, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот!“

Дај Боже, сите ние да го примиме ова Царство, по молитвите на Света Богородица и на сите светии. Амин!

Свети Климент Охридски